Апанажа за петмина членови на ДИК

Петмина од осум доскорешни членови на ДИК ќе добијат апанажа, беше одлучено на денешната седница на собраниската Комисија за избори и именувања.

Апанажа во траење од една година добија поранешниот претседател на ДИК, Александар Чичаковски, членовите од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ и Субхи Јакупи од ДУИ. Другите тројца членови – Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и  Сашо Срцев кои поднесоа оставка не побарале апанажа, бидејќи се враќаат на претходните работни места.

Комисијата одлучи и поранешната пратеничка на ЛДП, Роза Топузовска Каревска да добие отпремнина од Собранието заради заминување во пензија.

Комисијата на денешната седница му ја прекина апанажата на Павле Трајанов поради назначување на друга функција, а апанажа добија и Дејан Бошковски кој беше разрешен од Комисијата за енергетика, Тања Таневска поранешен државен ревизор, и Власта Димковиќ  доскорешен заменик министер за земјоделство.

На денешната седница помина и предлог одлуката за именување членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, по што седницата беше прекината.