Омбудсман: При изборот на модалитетот на насатавата да се имаат предвид и проблемите на учениците со попреченост

Реформите на образовниот систем со цел решавање на нееднаквостите, мора да започнат со препознавање на постојните проблеми и предизвици со кои се соочувале учениците со попреченост од посебните основни и средни училишта за време на онлајн наставата, при што треба да се изнајдат начини истите итно и ефективно да се решат.

Ова се наведува меѓу другото во посебниот Извештај на Народниот равобранител за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн настава за учениците со попреченост, кој е доставен до Министерството за образование и наука.

-Народниот правобранител препорачува, при изборот и креирањето на модалитетот за изведување (следење) на настава, да се имаат предвид и овие категории на ученици, при што во изборот на начинот на реализација на истата да не се поаѓа само од типичниот ученик. Според Народниот правобранител, креаторите на образовните политики треба да ги идентификуваат и да се раководат од потребите на најмаргинализираните категории, вклучително и учениците со попреченост, при што да обезбедат непречен пристап, квалитетно следење и успешно стекнување на знаења, без разлика дали се вклучени во редовните или посебните училишта. Впрочем, достапноста, пристапноста, приспособливоста и прифатливоста на образовниот систем, и во редовни и во време на вонредни состојби, се итни обврски на државата која е потписник на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, стои во документот на Омбудсманот.

Оттука, се наведува, потребно е обезбедување на непречен пристап до правото на образование на секое дете, дури и во услови на учење од далечина, што пак подразбира зајакнување на капацитетот на образовниот систем во целина, со цел да допре до сите ученици, целосно и ефективно учество, пристапност, присуство и успех на сите ученици, особено оние кои, поради различни причини, се исклучени или се во ризик да бидат маргинализирани.

Народниот правобранител во насока на подобрување на онлајн наставата во посебните основни и средни училишта дава препораки: да се адаптираат сите планирани активности по предмети и подрачја, согласно годишната програма за работа и истите да се прилагодат на настава во услови на далечинско учење, неопходно е и добивање конкретни насоки и упатства од страна на МОН и Бирото за развој на образованието, општо во однос на реализиацијата на онлајн настава, како и специфично, за користење на соодветни едукативни платформи со содржини кои ќе одговараат на способностите за учење на учениците со попреченост;

Меѓу препораките се и зајакнување и подобрување на ИТ вештините и компетенциите на наставничкиот кадар, како и на стручната служба, преку дополнителни обуки за онлајн работа и користење на едукативни платформи, интернет литература и ресурси, навремена и во континуитет помош и поддршка на наставничкиот кадар од страна на стручни лица-информатичари од МОН/ Бирото за равој на образованието кои ќе им бидат на располагање на посебните основни и средни училишта, како и задолжителна помош и поддршка на родителите, преку обезбедување технолошки средства и опрема за непречено следење на онлајн настава, како и нивна обука за користење на истите, при што да се има предвид дека голем дел од децата се од социјално загрозени семејства кои се без потребните информатички вештини и познавања за користење на едукативните платформи.