Во Шибеник денеска е промовирано првото шибенско-македонско пиво „Herz”, како резултат на соработката, знаењето и искуството на искусните крафт мајстори на пивото од пиварите Pivovara 022 Ведран и Лука Шкугор од Шибеник и Pivovara HotchPoch Скопје / Загреб, Круме Ивановски и Димитрие Јовановски од Скопје.
Тие произведоа пиво со хумана порака за подигањето на свеста за донирање на органи и спасување на животи. Пивото е во чест на проф. д-р Сашко Јовев, македонски кардиохирург, кој по мајка е Шибенчанин, од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во Скопје и тимот во кој, меѓу другите беа и академик д-р Жан Митрев од клиниката „Жан Митрев“ и д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“, кој на 23 мај успешно ја изведе првата трансплантација на срце во државава.
„Herz” е прво спомен пиво во светот посветено на некој кардиохирург, неговата екипа и трансплантацијата на срце. Македонските кардиохирурзи на кои им е посветено пивото “Herz“ се особено задоволни и го оценуваат како одличен е секој обид и иницијатива која оди во прилог на подигнување на свеста за донирање на органи и спасување на животи.
На прес – конференцијата по повод промовирањето на пивото преку видео врска се вклучи проф. д-р Сашко Јовев, кој изрази благодарност и ја нагласи неговата емотивна поврзаност со Шибеник.
Првата тура од производството на пивото е веќе распродадена низ Хрватска, уште пред неговата денешна промоција.
На прес – конференција, меѓу останатите видни личности од општествениот и стопанскиот живот во Шибеник, беше присутен и вршителот на должноста во македонската амбасада во Хрватска, Назиф Џафери и градоначалникот д-р Жељко Буриќ, кој неодамна со делегација од градот, а со посредство на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ го посети Скопје.
Во своето обраќање Џафери ја истакна посебната хумана димензија што ја има овој настан и пораката од нашата држава која стаса до Шибеник. Тој изрази надеж дека ова хумано дело организаторите ќе го претворат во една успешна економска соработка меѓу партнерите и државите.