Во Прилеп почнуваат чествувањата по повод 19-годишнината од загинувањето на десеттемина прилепски бранители кај месноста „Карпалак“. На 8 август 2001-та конвојот од воените резервисти од прилепската касарна беше нападнат во заседа на патот Скопје – Тетово кај месноста Карпалак кога загинаа 10-те прилепски воени резервисти.
Вечер од 18 часот во касарната „Мирче Ацев“ пред спомен-обележјето ќе бидат положени свежи цвеќиња, а потоа и на споменикот во селото Лениште, а ќе бие посетен и манастирот „Света Петка“ во ова село.
Утре изутрина, делегации на преживеаните, на роднини ќе тргнат на месноста „Карпалак“ да им оддадат почит на загинатите.
Ќе бидат посетени и вечните почивалишта на бранителите во градот и во населените места, во нивен спомен ќе се одржи панихида во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила, а централното чествување е утре напладне пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.
Во заседата на армискиот конвој кај месноста Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоским Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.