– Владата на Република С. Македонија на денешната редовна 79. седница ја усвои информацијата за програмата на германското претседателство со Советот на Европската Унија што на седницата ја презентираше амбасадорката на СР Германија во нашата земја, нејзината екселенција Анке Холштајн.
На оваа своја седница, согласно заклучокот од седмата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Владата ја донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република С. Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република С. Македонија и заради постоењето на пандемијата и опасноста од ширењето на КОВИД-19.
Со оваа одлука се утврдува постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република С. Македонија и тоа на подрачјата на јужната и северната граница на Република С. Македонија, и се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање и кој има задолжение да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република С. Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување.
Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, а сите органи на државната управа се задолжени да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи.
Владата денеска го разгледа и усвои Извештајот за извршувањето на Буџетот на Република С. Македонија во периодот јануари – јуни 2020 година.
Во полугодишниот извештај за извршување на Буџетот кој е реализиран во услови на пандемијата од КОВИД-19 и во вонредна состојба, во резимето се констатира дека бруто-домашниот производ во првиот квартал (К1) од 2020 година забележа годишен раст од 0,2% на реална основа, при позитивен придонес врз растот на домашната побарувачка и негативен придонес на нето-извозот, во услови на пад и на извозот и на увозот.
Бројот на вработени во K1 во 2020 година е повисок за 2,7% во однос на истиот квартал во 2019 година, а бројот на невработени се намали за 8,6%, што резултираше со намалување на стапката на невработеност на 16,2%.
Во резимето на Извештајот за извршувањето на Буџетот на Република С. Македонија во периодот јануари – јуни 2020 година е регистрирано дека стапката на инфлација во првото полугодие од 2020 година изнесува 0,5%, што е главно резултат на зголемените цени на храната за 1,7%, при намалување на цените на енергенсите.
Вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 87.437 милиони денари, што претставува 44,4% од планираниот износ за 2020 година, а вкупните расходи на Буџетот на Република С. Македонија во периодот јануари-јуни 2020 година се реализирани во износ од 113.387 милиони денари, што претставува 46,7% од годишниот план.
Согласно извештајот, во периодот јануари-јуни 2020 година остварен е дефицит на Буџетот на Република С. Македонија од 25.950 милиони денари, што претставува 3,8% од проектираниот БДП за 2020 година, државниот долг на Република Северна Македонија на крајот на првиот квартал од 2020 година изнесува 41,8% од БДП, додека јавниот долг претставува 50,7% од БДП.
Владата на Република С. Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за измена на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, и ги задолжи Министерството за економија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии и Централниот регистар на Република С. Македонија да подготви предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и истиот да го достави до Владата на Република С. Македонија, најдоцна до 15 август 2020 година.
На денешната седница беше разгледан и усвоен Извештајот за ревидираниот Акциски план за формализација на неформалната економија 2018-2020, со задолженија за Министерството за финансии, во соработка со релевантните институции, да ја информира Владата на С. Република Македонија за реализацијата и спроведувањето на новите предложени активности вклучени во ревидираниот Акциски план за формализација на неформалната економија 2018-2020 година на квартална основа, започнувајќи од 1 октомври 2020 година.