Палмер: САД очекуваат Влада која ќе ја води С. Македонија напред кон ЕУ

– САД очекуваат добар и силен партнер во новата влада на С. Македонија, рече специјалниот претставник на Стејт департмент за Западен Балкан Метју Палмер, кој учествуваше на виртуелен брифинг на „Балкан инсајдер“ во Вашингтон, пренесува македонската редакција на Гласот на Америка.

-Сега е период на преговарање за формирање коалиција, што е природен процес во демократските парламентарни системи. Од перспектива на САД, она што е важно и што сакаме да го истакнеме, е дека очекуваме добар и силен партнер во владата на С. Македонија, влада која е посветена максимално да го искористи членството во НАТО, влада која е посветена да ја води државата напред на патот кон Европската Унија, рече Палмер.

САД, додаде, очекуваат новата влада да биде посветена и на имплементирање на Договорот од Преспа. -Влада која ќе работи да го унапреди мирот и просперитетот на сите граѓани на С. Македонија, потенцира Палмер.

Тој нагласи дека независно од тоа каква влада ќе излезе од моменталното коалицирање на политичките актери, ќе може да најде силен и натамошен партнер во САД, доколку биде посветена на исполнување на овие цели.