Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги оценува како неточни, неосновани и нестручни наводите дека зголемените цени на електричната енергија ќе ги зголеми цените на производите.
Од РКЕ денеска повторија дека одлуката од 31-ви минатата недела за поскапување на струјата за 7,4 проценти се однесува само за регулираниот пазар на електрична енергија.
-Најголем дел од индустриските и комерцијалните потрошувачи сами набавуваат електрична енергија на слободниот пазар по цени коишто не ги определува Регулаторната комисија за енергетика. Цената на електричната енергија на слободниот пазар во С. Македонија во 2020 година е пониска за приближно девет проценти во однос на 2019 година, што значи дека и трошокот за електрична енергија на индустриските и комерцијалните потрошувачи во 2020 ќе биде помал во однос на 2019. Во наредниот период индустријата ќе има пониски трошоци за електрична енергија во споредба со 2019 година и тоа позитивно ќе влијае врз нејзиното работење во овие кризни времиња, вели во пишана изјава Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Од РКЕ велат дека со одлуките од 31 минатиот месец преку фактори на корекција на МЕПСО му го намалил приходот за 2020 година за 13,25 милиони евра, додека на ЕВН ХОМЕ за 4,5 милиони евра, поради тоа што овие компании во 2019 година оствариле поголем приход од одобрениот.
Во однос на методологијата и трошоците кои се признаваат, Регулаторната комисија наведува дека има влијание на околу 40 процент од вкупно прикажаните трошоци, додека на 60 проценти од трошоците нема влијание.
Трошоци кои не се предмет на регулација, потсетува РКЕ, се:
1.Трошок за купување електрична енергија од ЕСМ. Регулаторната комисија за енергетика согласно Законот за енергетика од 2019 година повеќе не ја определува цената на ЕСМ, туку оваа компанија со своја цена настапува на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ. Во 2019 година цената по која ЕСМ обезбедуваше електрична енергија за домаќинствата изнесуваше 2,1218 ден/kWh, додека во 2020 година изнесува 2,3496 ден/kWh, односно е повисока за 10,74 проценти. Цената на ЕСМ во 2020 година е пониска од цената на ЕСМ за 2017 година за 7 проценти.
2.Трошок за купување на електрична енергија од повластени производители, кој е утврден и гарантиран со Законот за енергетика уште од 2009 година.
3. Маржата на универзалниот снабдувач, во износ од 11,5 проценти, определена на тендер распишан од Владата и утврден за период од 5 години, до јули 2024 година. Со маржата се покриваат сите оперативни трошоци, но и ненаплатените побарувања на универзалниот снабдувач. Процентот на наплата кај домаќинствата изнесува 90 проценти.
-Со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената за дистрибуција на електрична енергија за домаќинствата е намалена за 0,38 проценти, се вели во соопштението од РКЕ.
По одлуката на РКЕ за новата цена на струјата уследија реакции и најави за протести од граѓански здруженија и синдикати.