„Вокална магија“ во Филхармонија со солистот Милан Силјанов

„Вокална магија“ е насловен симфонискиот концерт на Македонската филхармонија в четврток од 20 часот, на кој  како солист ќе настапи наградуваниот бас-баритон Милан Силјанов, а диригент ќе биде Емил Табаков од Бугарија.

Вокалниот уметник од Швајцарија, кој има македонско потекло, ќе изведе избор од фантастичниот циклус песни за глас и оркестар „Магичната хорна на момчето“  од Густав Малер.

Силјанов е член на оперското студио во Баварската државна опера во Минхен, а следната сезона ќе стане редовен член на солистичкиот ансамбл на оваа престижна германска оперска куќа.

Студирал на познатата школа за музика и драма „Гилхол“ во Лондон, на отсекот опера, под менторство на проф. Рудолф Пирнеј. Победник е на престижниот Интернационален натпревар за соло-песна во Лондон (2015) организиран од „Вигмор Хол“, а во 2014 година освоил прва и втора  награда од публиката на 50. Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија.

По потекло е Македонец и се чувствува, вели, како Македонец. – Сепак, имам и швајцарски пасош, па се чувствувам и како Швајцарец. Тоа за мене воопшто не претставува дилема, затоа што моето срце неуморно чука за двете држави и култури. Како дете, заедно со мајка ми, секое лето ја посетувавме Македонија и нашето семејство. Тоа ни беше посебна традиција, а летните одмори ми дадоа можност да ја запознаам Македонија што повеќе. Дружбата со моите роднини ми овозможи и да го подобрам мојот вокабулар. Секојпат кога доаѓам во Македонија, всушност се враќам дома, вели Силјанов.

Настапот со Македонската филхармонија в четврток ќе му биде прв професионален настап во Македонија. – Исклучителна чест ми е да дебитирам во таква прекрасна сала. Со нетрпение очекувам да музицирам со оркестарот и маестро Табаков, и знам дека прекрасниот звук ќе ја изненади и публиката, и мене, додава Силјанов.

На програмата вечерта е и експресивната Симфонија бр. 6 од рускиот композитор Дмитриј Шостакович, која се смета за една од неговите највлијателни.