Фестивалот „Илинденски денови“ е чувар на фолклорната традиција на нашата држава, но оваа манифестација е и чувар на светското фолклорно наследство, мост кој е изграден со врвен професионализам и искрена љубов кон народното творештво, истакна заменик министерот во Министерството за култура Владимир Лазовски на синоќешната последна фестивалска вечер во Битола.
На свеченото затворање, Лазовски нагласи дека песната и играта на сите етнички заедници во С. Македонија се поврзани со сите традиции на народите во светот.
-Форматот на годинашното јубилејно издание на фестивалот „Илинденски денови“ е од особена важност за културните случувања во нашата држава во услови на светска пандемија. Битола повторно покажа дека има знаење, посветеност, чувство за глобалните текови…па така и во овие вонредни услови успеа да го сочува континуитетот на нешто што е најважно за секоја нација, а тоа е одржување на традицијата, предочи Лазовски.
Според Лазовски, Ковид-19 можеби во одреден период ја запре културата, но таа, како што рече, ќе најде начин и ќе остане жива, облагодарувајќи го ова тешко време што го живееме.
-Сакам да Ве уверам дека владината поддршка кон културата ќе продолжи, и на сите ви се забагодарувам што храбро се вклучивте во борбата со предизвикот со светската пандемија и на достоинствен начин ја покажавте вербата во одржувањето на трајните вредности во очи на најголемиот државен празник Илинден, истакна Лазовски.
Јубилејното издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни заврши со концерт „Од душата на традицијата“ на кој настапија кларинетистот Благојче Трајковски, вокалот Елена Андоновска и групата „Фонтана“ со пријателите.