Честитка од претседателот Пендаровски по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до в.д. поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија.

Во честитката Пендаровски посакува овој голем празник да донесе среќа, радост, љубов и бериќет, и како  празник на дарувањето и на солидарноста, вели, да нè инспирира да им помагаме на сите оние на кои им е потребна материјална, но и духовна поткрепа.

– Милосрдието и човекољубието нека бидат дел од нашите животи не само за празничните денови, туку и низ целата година. Да продолжиме искрено и суштински да споделуваме со нашето семејство, со нашите пријатели и со целата заедница, стои во честитката од Пендаровски.

Денес кога целата човечка цивилизација е соочена со пандемијата со Ковид-19, се подвлекува, како никогаш досега мораме да покажеме заедништво и слога и сплотени да излеземе како победници. Изразува верување дека токму со силата на молитвата и со љубовта ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочуваме на личен и колективен план.

– Во согласност со традициите на заемно почитување и уважување, да се грижиме и да помагаме безусловно на сите наши сограѓани не водејќи сметка за етничката, религиозната или идеолошката припадност. Да продолжиме да го градиме и да го чуваме нашиот заеднички дом, Република Северна Македонија, се наведува во честитката од претседателот Пендаровски, кој упатува најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба.