Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска ги посети припадниците на баталјонот за воено- медицинска поддршка, во рамки на Воено-медицинскиот центар.
По прогласување на пандемијата на вирусот Ковид-19, соопштија денеска од Кабинетот на претседателот, персоналот на центарот активно се вклучи во поддршка на вработените во јавните здравствени установи. На барање на Министерството за здравство во март, потсетуваат, тим на Воено-медицинскиот центар ја постави маневарската болница пред платото на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со цел да се зголемат капацитетите во случај на наплив на пациенти со Ковид-19.
– Имајќи го предвид зголемениот број на болни од вирусот, од средината на минатиот месец, воено медицински персонал од центарот е ангажиран во Центарот за јавно здравје и во ГОБ „8 Септември“. Командатката на центарот, полковник Ирена Минева го информираше претседателот Пендаровски дека тимот што е ангажиран за потребите на ГОБ „8 Септември“ е составен од искусни медицински техничари кои работеле во поранешната Воена болница. Тие веднаш биле распоредени на одделот за интензивна нега и во шок соба, каде се сместени најтешко болните пациенти со Ковид-19, се наведува во соопштението.
При посетата на воено-медицинскиот центар претседателот Пендаровски преку видео врска разговарал со постар водник прва класа Фатиме Мустафовска, која е дел тимот ангажиран во ГОБ „8 Септември“ и која до трансформацијата на Воената болница, работела на хируршките одделенија. Истакнувајќи дека работата со тешко болни пациенти е многу специфична, претседателот Пендаровски и порачал на Мустафовска да биде истрајна.
– Ни останува да веруваме дека кризата со пандемијата на вирусот Ковид-19 наскоро ќе заврши и дека здравствените работници, но и сите што се вклучени во справување со последиците од пандемијата ќе можат да здивнат и да бидат ослободени од стресот и од секојдневниот ризик, потенцирал претседателот Пендаровски во разговорот со Мустафовска.
Инаку, за работата на центарот, неговата мисија и идните планови претседателот Пендаровски го информирала командантката на центарот, полковник Ирена Минева. Во својата презентација полковник Минева истакнала, како што стои во соопштението од кабинетот на Пендаровски, дека во моментов се соочуваат со недостиг на доктори по општа медицина, кои се одговорни за примарната здравствена заштита на здравјето на гарнизоните. Воено-медицинскиот центар, посочила потполковник Минева, учествува во целосниот здравствен систем во земјата, има договор со Фондот за здравствено осигурување и преку системот „Мој термин“ пружа здравствени услуги на сите граѓани.
Како земја членка на НАТО, потенцирал претседателот Пендаровски, неопходно е воено-медицинскиот центар да биде соодветно екипиран и како и досега да функционира беспрекорно.
Главната мисија на центарот е зачувување и унапредување на здравјето и одржување на борбената готовност на припадниците на македонската Армија на потребното ниво. Покрај основната мисија, единицата е одговорна за Копнената маневарска болница со Улога 2. Во 2014 година КМБ со Улога 2 беше оценета според НАТО концептот за оценување на оперативни способности и по сите критериуми ги доби највисоките оценки. Исто така, се посочува во соопштението, персоналот на воено-медицинскиот центар досега учествувал во повеќе мировни операции, односно „АЛТЕА“ во Сараево, Босна и Херцеговина, во мисиите „ИСАФ“ во Кабул и во Мајмана, Авганистан.