МЗШВ: Пари за субвенции има, аплицирањето трае уште десет дена – до 31 јули

До 31 јули или уште десет дена трае рокот за поднесување барања за субвенции од Програмата за земјоделство 2020 година. Од ресорното Министерство уверуваат дека пари има, а исплатата на проектираната поддршка ќе се врши неселективно.

Според МЗШВ, во овој период се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство: поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади. До крајот на месецот барање за финансиска поддршка може да достават и сите кои се занимаваат со сточарско производство: одгледување говеда, овци, кози, пчели и свињи. Може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица.

-Како и досега, пари за субвенции за земјоделетвото има. На сите кои ги исполнуваат условите за користење на оваа поддршка, а согласно календарот за исплати во еден ден и без селекција им се исплаќаат парите. Така ќе продолжиме и во иднина. Агенцијата, заедно со МЗШВ и Владата, како и досега и во иднина ќе продолжи да креира мерки со кои директно ќе влијаеме во развој и модернизирање на домашниот агро сектор, а со тоа и на намалување на производните трошоци и зголемување на домашно произведени земјоделски производи, наведува МЗШВ.

Барањата за добивање финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно, од страна на барателите со регистрирање во системот на веб страна на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk. Оние земјоделци кои не знаат сами да поднесат барања или имаат потреба од помош при креирање електронски барања, можат да се обратат во подрачните единици. Притоа, мора да носат заштитни маски и да користат средства за дизинфекција поради КОВИД-19.

Министертсвото апелира, пред да ги потпишат поднесените барања, земјоделците да проверат дали сите мерки и култури им се впишани.

-Доколку апликантите увидат дека направиле пропуст, внеле погрешни податоци или увидат потреба од измена поради несоодвествување со фактичката состојба, барањето може да го повлечат или да ги изменат во рок од 30 дена од денот на поднесувањето, наведуваат од Министертсвото.

МЗШВ воедно потсетува дека отвори дополнителни канцеларии од времен карактер во Росоман, Босилово, Василево, Ново Село, Облешево, Богданци, Старо Нагоричане, Могила и Новаци кои се комплетно опремени за работа и снабдени со средства за дезинфекција, а за да се спречат вообичаените гужви, изготвени се списоци по азбучен ред ред. Онаму каде што има потреба, има двосменско работење, а вработените ќе функционираат во тимови со цел да се спречи појава на КОВИД. За работа во смени помеѓу првата и втората смена ќе има празен период од половина час за да се избегне контакт меѓу двете смени и просториите да може да се дезинфицираат.