Јавна дискусија на наодите од Извештајот од мониторингот на медиумските реформи и работата на АВМУ и МРТ во првиот квартал од 2020 година, подготвен во рамките на проектот „Мониторинг и политики за реформиран медиумски сектор“ се одржа денеска на платформата „зум“ во организација на Центарот за развој на медиуми (ЦРМ).
Извештајот го покрива првото тромесечје од 2020 година, период што го одбележа предизборниот период, (тогаш сè уште со избори закажани за 12 април), како и почетокот на кризата со пандемијата на Ковид-19 и со неа поврзаните одлуки за воведување на вонредна состојба.
– Работата на медиумските реформи, како и работата на МРТ и АВМУ во овој период во голема мера беа под влијание на подготовката на Предвремените Парламентарни избори што беа закажани за 12 април 2020 година. Како резултат имавме нови измени во Изборниот законик, во делот што се однесува на медиумското известување за изборните кампањи, а особено за финансирањето на платеното политичко рекламирање со средства од Буџетот, односно со јавни пари, вели Дејан Георгиевски, претседател на ЦРМ.
Како што потенцира, тие одамна се залагаат за укинување на платеното политичко рекламирање (ППР) на радиодифузните/аудиовизуелните медиуми, и тоа е нивна основна препорака. Поради значењето на приходите од ППР за нашите медиуми, според него, веројатно е дека ППР во радиодифузијата ќе опстане. Во тој случај, смета тој, треба да се елиминира можноста таквото рекламирање да се финансира со парите на даночните обврзници.
Тој на дебата се осврна и на новото решение во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кое, како што вели, на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи им се наметна морална, кривична и материјална одговорност во случаите кога странските радиодифузери ќе емитуваат програмска содржина за која ги немаат обезбедено ТВ правата за земјава, обврзувајќи ја и АВМУ да ги усвои соодветните правилници и подзаконски акти.
– Операторите на ЈЕКМ најавија на 27 февруари дека ќе престанат да ги пренесуваат сите програмски сервиси, домашни и странски, освен програмските сервиси на МРТ (поради законската обврска да ги реемитуваат програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис) почнувајќи од 3 март 2020 година. Како причина го наведоа усвојувањето на најновите измени на ЗААВМУ по кратка постапка, без соодветна јавна расправа. Сепак, по неколку средби со претставници на владата, оператерите на ЈЕКМ се откажаа од таквата намера. Дополнително, во услови на карантин и ограничено движење на граѓаните поради новонастанатата ситуација со пандемијата на болеста Ковид-19, тие одлучија да ги отворат и своите дополнителни пакети за кои е потребна посебна претплата за нивните корисници, се вели во Извештајот.
Таквите барања од оператерите на ЈЕКМ, според Георгиевски, се невозможни затоа што тие
не се страна во договорите за купопродажба на правата за емитување, освен во неколкуте случаи кога операторите имаат свој канал со услуги „видео на барање“, и со тоа немаат никаква улога во уредувањето на договорните односи. Од ЦРМ сметаат дека сè што може да се бара од нив е веќе постоечкото барање да склучат валидни договори со каналите што ги реемитуваат.
– Советот на АВМУ на својата 15-та седница од 25 март 2020 година, донесе одлука за доделување
на финансиска помош од вкупно 105 милиони денари за справување со последиците од епидемијата. Според годишните извештаи за работа на Агенцијата, врз основа на разликите од остварените приходи и расходи, Агенцијата собрала вкупна заштеда од повеќе од 2 милиони евра (нешто повеќе од 127 милиони денари) во периодот од 2017 до 2019 година. Од друга страна, во Програмата за работа на АВМУ за 2020 година првпат во финансискиот план постои ставка „Пренесени вишок средства од минатите години“, во вредност од 12,4 милиони денари, иако разликата помеѓу остварените приходи и расходи во 2019 година изнесува 43,5 милиони денари. Во претходните годишни програми за работа таква ставка не постои, а остварените вишоци остануваат на сметката на агенцијата. Зошто Агенцијата ги чува таквите непотрошени средства и дали има некаков план или упатства што ќе прави со непотрошените средства?, беше посочено на дебатата.
ЦРМ смета дека веројатно најдоброто решение, ако идејата е таквите средства – во согласност со принципите за непрофитно работење – да се вратат во дејноста, е Агенцијата самостојно, или во соработка со Агенцијата за филм, да воспостават фонд за финансирање на аудиовизуелна продукција. Друго можно решение, додаваат, е да се размисли за намалување на висината на надоместокот за дозвола за емитување.
Извештајот е подготвен со поддршка на програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.