На полноќ завршува рокот за пријавување на лицата со Ковид-19 и болните и немоќните за гласање на 15 јули

Рокот за пријавување на гласање на лицата со Ковид-19 и во самоизолација или во карантин, на болните, немоќните и на лицата со хронични болести за гласањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули завршува вечерва (8 јули) на полноќ.

Лицата позитивни на коронавирусот или во изолација, освен со полномошник, за гласање ќе можат да се пријават и преку апликацијата поставена на веб – страната на ДИК https://izolacija.sec.mk/. Покрај копија од лична карта, лицата со Ковид-19 или во самоизолација до ОИК или преку апликацијата треба да достават и копија од решението за карантин или самоизолација издадено од Државен санитарен и здравствен инспекторат. Лицата чии резултати ќе бидат позитивни после 8 јули или ќе бидат ставени во самоизолација по овој датум, нема да може да се пријават за гласањето кое за нив ќе се спроведе од посебни избрачки одбори на 13 јули.

Болните, немоќните и хронично болните ќе гласаат на 14 јули. И тие до ОИК треба да се пријават за гласање со доставување на соодветна документација.

Последните податоци што ДИК ги објави за пријавени за гласање на 13 и 14 јули се од 6 јули напладне. Дотогаш за гласање биле пријавени само 19 лица со Ковид-19 и 1.1129 болни и немоќни лица.

Рокот за гласање на лицата во домашен притвор завршува на 11 јули.

На 9 јули, односно утре завршува рокот за пријавување на набљудувачи на изборите.

Кампањата трае до 12 јули на полноќ, по што настапува тридневен молк поради гласањето кое овој пат поради пандемијата со Ковид -19 започнува во понеделникот и тоа со лицата со Ковид-19.