Прво поклонение во вечниот град Рим – Дел 2

По повод 1100-годишниот јубилеј за свети Кирил Солунски, Македонската академија на науките и уметностите и Универзитетот во Скопје, со Советот на академиите на СФРЈ и Заедницата на југословенските универзитети, на 14 февруари 1969 година на гробот на светиКирил положија посребрен венец. Текстот го потпиша претседателот на МАНУ – Блаже Конески и ректорот на Универзитетот во Скопје – Благоја Попов.

По повод 1100-годишнината од смртта на свети Кирил, големиот учител и просветител, творецот на словенската азбука, во зградата на Македонската архиепископија беше одржана свечена академија. На академијата присуствуваа најеминентни претставници на општествениот и културниот живот на СР Македонија, како и претставници на верски и други организации.

Јубилејните свечености започнаа со архијерејска богослужба во црквата „Свети Димитрија” во Скопје. Светата литургија ја служеше поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г. Доситеј, во сослужение на нивните високопреосвештенства: митрополит Наум, митрополит Методиј и митрополит Кирил, повеќе протојереи, протоѓакони и ѓакони.

На крајот од службата Божја, поглаварот на Македонската православна црква Неговото блаженство митрополитот охридски и македонски г. Доситеј одржа беседа, во која, меѓу другото рече:

„Свети Кирил заедно со својот брат свети Методиј ги удрија темелите на словенската писменост, составувајќи ја првата азбука за превод на богослужбените книги на словенски јазик со една возвишена цел – ширење и утврдување на православната вера во словенските краишта. Животот на свети Кирил беше, всушност, тешка борба против „ триезичната ерес” – мислење дека на Бога можело да му се служи само на грчки, еврејски и латински јазик.

1.7.7

Поглаварот на МПЦ г.Доситеј

За среќа, тогашниот папа Адријан II, кај кого светите браќа биле тужени и морале да одат во Рим, бил разборит човек и не само што не ја осудил работата нивна, туку и ги благословил преведените словенски богослужбени книги. Истоштен од тешката работа и од напорниот пат свети Кирил не можел повеќе да се врати кај својата сакана паства. Тој починал во Рим во 869 година “.

Понатаму во беседата Неговото Блаженство го изнесе значењето на делото од свети Кирил за работата и дејноста на неговите ученици: свети Климент, Горазд , Ангелариј и други . Тој рече дека духот на свети Кирил ги поел и ги инспирирал душите на нашите верници и светители, кои само така можеле да ги издржат тешките искушенија и мачења за својата православна вера.

По Божјата служба, свеченостите продолжија со академија во новите простории на Македонската архиепископија. Салата беше свечено украсена, а меѓу повеќето плакати можеше да се прочита и оваа: „Кој јазик ќе ги искаже подвизите, напорите и чистотата на неговиот живот?” (свети Климент за свети Кирил).

Свечената академија започна со молебен, што го отслужи Неговото Високопреосвештенство г. Кирил , во асистенција на повеќе протојереи и протоѓакони.

Потоа Неговото Блаженство г. Доситеј ги поздрави присутните на академијата со зборовите:

Почитувана господо, драги гости

1.7.8

Црквата Свети Климент Охридски во Скопје

Ние, претставниците на Македонската православна црква чувствуваме за свој посебен долг, а по повод 1100-годишнината од смртта на свети Кирил, сесловенски апостол и просветител, на еден ваков скормен начин да ја оддадеме нашата почит и благодарност за неговиот свет придонес за сесловенскиот род, а посебно за македонскиот.

Исто така, по повод овој голем јубилеј за нашата македонска црква и македонска нација, се радуваме што можеме во нашата средина да ги поздравиме многубројните гости “.

По поздравниот говор митрополитот дебарско-кичевски, г. Методиј одржа поопширно предавање на тема: „Значењето на делото на свети Кирил и Методиј за македонскиот народ”. Во предавањето беа опфатени сите поважни моменти од животот и работата на светите браќа, а посебно беше потцртано значењето на нивното дело за православната вера и книжевното творештво.

Илјада и стогодишнината од смртта на Кирил Солунски беше свечено и богато одбележана во Македонија. Централно место му беше дадено на симпозиумот „Кирил Солунски”, што се одржа од 23 до 25 мај 1969 година во Скопје и Штип. Организациониот одбор, што го формира МАНУ на 19 јуни 1968 година, го сочинуваа: Х. Поленаковиќ, Р. Угринова-Скаловска и В. Иљоски. Се пријавија 52 учесника од сите југословенски славистички центри. Симпозиумот се одвиваше во Скопје, во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци” и во Педагошката академија во Штип. На 25 мај беше посетен археолошкиот локалитет Баргала во Штип.

Со воведно излагање, симпозиумот го отвори претседателот на МАНУ – академикот Блаже Конески. Собирот го поздравија: претседателот на Академијата на Босна и Херцеговина Бранислав Ѓурѓев, претставникот на ЈАЗУ – Марко Костренчиќ, претседателот на САНУ- Михаило Стевановиќ и претставникот на Словенечката академија – Милко Кос.

Во врска со оваа свеченост, во МАНУ беше отворена изложба на словенски ракописи . Беа презентирани словенски ракописи најдени во Македонија по НОБ . Изложбата ја подготви Архивот на Македонија, под раководство на Владимир Мошин.

Гостите на симпозиумот имаа можност да ги посетат културно-историските споменици во Скопје и Штип.

Поднесените реферати се објавени во двотомен зборник во 1970 година.

Продолжува

 c6

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН