ДФРЛаб: Фејсбук страници во Северна Македонија им нудат на корисниците „идентични содржини“

Лабораторијата за дигитално форензичко истражување на Атланскиот совет (ДФРЛаб), која работи на откривање на ширењето дезинформации преку Интернет, соопшти дека нејзините истражувачи утврдиле десетици страници на Фејсбук, поврзани со најмалку 10 македонски медиумски сајтови, кои манифестираат „некои карактеристики што укажуваат на координирана активност, вклучително и речиси истовремено објавување на идентични содржини“, објави „Балкан Инсјат“.

Додека некои од овие страници на „Фејсбук“ ги потврдуваат нивните врски со изворите чии содржини ги пренесуваат, постојат и такви за кои нема видлива поврзаност.

ДФРЛаб посочува дека некои од овие профили на социјалната мрежа биле создадени како разни страници за одредени интересни групи, но на крајот промовираат содржини кои немаат врска со она за што била нивната првична намена.

– Ова видливо е ефикасна стратегија, имајќи предвид дека овие страници на социјалната мрежа имаат поголем број следбеници од официјалните страници на Фејсбук на медиумите чии содржини ги промовираат, наведува ДВРЛаб.

Според Лабораторијата, четири одделни мрежи или страници на Фејсбук пренесувале некои содржини објавени веб порталите Република Онлајн, Курир, Денешен, Њуз24, Пулс 24, Галама…

Во текстот се посочува дека само еден од овие портали е таблоид, додека дел од другите објавуваат претежно политички содржини кои се отворено проопозициски, а дел имаат поизбалансирано известување за внатрешните случувања.

– Истражувањето на ДФРЛаб утврди координација меѓу страниците, но не и меѓу четирите мрежи. Исто така, нема никаков показател дека самите медиуми во Северна Македонија управувале со неовластените мрежи, наведува „Балкан Инсјат“.

Според Лабораторијата, овие страници на Фејсбук се креиреани помеѓу 2009 и 2018 година и во најголем број се менаџирани од Северна Македонија, а само неколу од САД.

Истражувањето утврдило дека некои од страниците на Фејсбук веројатно се поврзани со компанијата „Адинамик Медиа“, која поседува портали што ја поддржуваат најголемата опозициска партија во земјата ВМРО-ДПМНЕ. – Се верува дека оваа медиумска компанија е поврзана со унгарската провладина јавна телевија МТВ, се наведува во извештајот.

Истражувачите на ДФРЛаб оценуваат дека овие мрежи придонеле за политичката поларизација во Северна Македонија во пресрет на предвремените парламентарни избори.

– Користењето на неовластена мрежа на социјалните медиуми им овозможува на политичките сили да ги доведат во заблуда луѓето и да шират манипулативни содржини за да обезбедат поддршка кај гласачите, што предизвикува загриженост за интегритетот на изборниот процес во земјата, оценува ДФРЛаб.

Според истражувањето, една од мрежите имала седум страници на Фејсбук кои пренесувале содржини објавени на порталите Република, Курир, Денешен и Вистина.

– Вистина е таблоид и не покрива политички теми. Останатите три главно известуваат за политички теми и се карактеризираат со ставови блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Сите се во сопственост на истиот медиумски холдинг „Адинамик Медиа“, кој е поврзан со унгарската МТВ. Според Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), холдингот „Адинамик Медиа“ во 2017 година го основала поранешната извршна директорка на МТВ, Агнес Адамик. Холдингот тогаш купил мнозински пакети акции во три медиумски компании во земјава, кои претежно ја поддржуваа ВМРО-ДПМНЕ, се вели во извештајот.

Во текстот се посочува дека некои експерти сметаат оти со ова унгарскиот премиер Виктор Орбан го проширил сопственото и влијанието на неговата земја на Балканот.

– Тие медиуми, исто така, го поддржаа неговиот тогашен сојузник во Македонија, Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, каде побегна од издржување затворска казна во матичната земја во 2018 година, се додава во текстот.

Истражувачите на ДФРЛаб утврдиле дека на страниците на Фејсбук поврзани со оваа мрежа биле објавени речиси идентични написи и со иста зачестеност. Вкупниот број следбеници на седумте страници изнесува над 690,000, додека на официјалните профили на порталите на Фејсбук имало помалку од 300.000 следбеници.

– Ова можеби укажува дека тие не успеале да ја зголемат публиката на нивните официјални страници на Фејсбук, па решиле да креираат координирани страници за да ги пласираат своите содржина, сметаат истражувачите на ДФРЛаб.

Втората истражувана мрежа, според Лабораторијата, се стоела од 17 страници на „Фејсбук“ кои објавуваат содржини од три медиумски портали – Маркукуле, Њуз24 и Сигнал, кои известуваат за политички теми, но нивните ставови не се отворено антивладини.

– Некои објавуваат прилози за рускиот претседател Владимир Путин, прикажувајќи го како влијателен лидер кој ги поддржува традиционалните вредности и им помага на пријателите кога им е потребно. Њуз24 понекогаш објавува и видеа од Раша Тудеј и Спутњик.

Што се однесува до третата мрежа на страници, истражувачите на ДФРЛаб утврделе дека тие „можеби се поврзани со Филип Петровски, десничарски кандидат на претседателските избори во Северна Македонија 2019 година и поранешен член на партијата ВМРО-ДПМНЕ“.

– Петровски се спротивставуваше на промената на името на земјата во Северна Македонија и повикува на раскинување на Преспанскиот договор со Грција, потпишан во 2018 година. Петровски, исто така, објавува статии од Њуз24 на свој профил на Фејсбук. Две страници во оваа мрежа се поврзани со Петровски, а на нив има детали од неговата биографија и негови политички погледи, се вели во извештајот.

Четвртата мрежа на страници на Фејсбук пренесува содржини објавени на порталите Нет Медикал Дајет, кој третира теми од здравството, и на Галама. Според истражувањето, осумте страници во оваа мрежа биле менаџирани од Северна Македонија и од САД.

ДФРЛаб открила и пет страници на Фејсбук што пренесуваат содржини од порталите во сопственост на компанијата „ЕМ медиуми“, во која мнозински сопственик е „Адинамик Медиа“.

– Иако ДФРЛаб не беше во можност да утврди координираност меѓу нив, постои веројатност дека „ЕМ Медиа“ ги користи овие страници за промоција на одредени содржини, се вели во извештајот на Лабораторијата за дигитално форензичко истражување на Атланскиот совет (ДФРЛаб).