Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев, имаа средба со делегација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), соопшти денекса владината прес-служба.
Делегацијата на ЕБОР предводена од Шарлот Рухе, директорка за Централна и Југоисточна Европа, која ја придружуваа и првите луѓе на канцеларијата на ЕБОР во Република Македонија, на почетокот на средбата искажаа честитки за одлуката на Европската Комисија на Република Македонија да и биде дадена препорака за почеток на преговорите за членство, врз основа на исполнети услови.
За ЕБОР, беше кажано на средбата, оваа одлука на ЕК потврдува дека Република Македонија се движи по вистинскиот пат, што за банката е добар знак да ја продолжи и дополнително да ја интензивира соработката со Владата на Република Македонија.
Во оваа фаза, соработката првенствено се однесува на финансиската поддршка на ЕБОР во однос на актуелните проекти во рамките на Коридорот 8 како што е автопатниот проект на делницата Крива Паланка до границата со Република Бугарија, и кредитната линија за реконструкција и рехабилитација на патната инфраструктура во земјата во вкупна должина од 400 километри.
Оваа иницијатива доаѓа по позитивните сигнали за напредокот на Република Македонија во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан за проширување на унијата и ќе се фокусира на дефинирање на проекти во областите на поврзувањето, поддршка на конкурентноста, заштита на животната средина, во делот на енергетската ефикасност и обновливите енергии, како области нотирани токму во препораките на извештајот на Европската Комисија за Република Македонија.
Премиерот Заев информираше дека Владата очекува од ЕБОР да ги препознае приоритетите на проектите од Коридорот 8, како што е поврзувањето на Република Македонија со железничка линија на делницата Кичево-Глин во Република Албанија, со што практично ќе биде реализирано поврзувањето на пристаништето Драч со Истанбул преку Република Бугарија.
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев детално ги запозна претставниците на ЕБОР со разработените проекти за електрични централи со обновливи извори на енергии, како што се ветерниците и соларните електрични централи, гасификацијата и транспортната инфраструктура.
Делегацијата на ЕБОР искажа максимална подготвеност да се вклучи во поддршката на овие енергетски проекти, како и во поддршката на железничката инфраструктура на Коридорот 8 кон Албанија за која говореше премиерот Заев.
Од ЕБОР информираа дека банката наскоро ќе ја продолжи поволната кредитна линија за поддршка на конкурентноста на приватниот сектор со дополнителни 30 милиони евра, со што вкупната поддршка на Европската банка за обнова и развој во овој дел на подигање на капацитетите на македонските компании за приближување до ЕУ стандардите за поголема компетитивност на европскиот пазар, ќе достигне вкупно 36 милиони евра.
Премиерот Заев изрази благодарност и за оваа вест и поддршка, и предложи ЕБОР да подготви нова финансиска линија за малите и средни претпријатија за набавка на современа и конкурентна опрема со цел уште поголема ефикасност и конкурентност на македонските производи со оние на ЕУ.
На средбата беше изразено заемно задоволство од планот на делегацијата на Владата на Република Македонија да се сретне со највисокото раководство на ЕБОР на претстојниот самит за Западен Балкан, што во Лондон го организира банката за шесте земји членки на регионот, на кој се поканети и првите луѓе на 200 компании со интерес да инвестираат во регионот. На овој Самит се очекува да се финализираат договорите за финансиска поддршка за наведените проекти, се наведува во соопштението од владината прес-служба