Заев, Николовски и Филипче во Штип ја претставија програмата „Можеме“

Направивме пресврт на подобро. Покажавме дека знаеме да работиме чесно, одговорно и во интерес на граѓаните. Направивме многу, но можеме уште повеќе, можеме уште подобро, потенцираше лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешното претставување на програмата „Можеме“, заедно со носителот на листата за пратеници во ИЕ 3, Љупчо Николовски и Венко Филипче.

Заев истакна дека оваа програма е нивната визија, јасен план за Северна Македонија во наредните четири години.

– СДСМ е посветена на развој на домашната македонска економија, на инвестиции во инфраструктурата, на продолжување на интегративниот процес во ЕУ, на грижа за ранливите категории, на обезбедување здрава животна средина, заштита на здравјето на граѓаните и загарантирана правда за сите. Ова се столбовите на кои е изградена оваа наша програма – чесна, одговорна, достојна за граѓаните. Градиме држава со нова развојна македонска економија заснована на нови технологии, одржливост и човечки капитал, модел што ќе ги штити работните места на граѓаните, ќе гарантира повисоки плати и пензии и подобри работни места, рече Заев.

Тој додаде дека предвидено е просечната плата до крајот на мандатот да порасне до 30, а минималната до 40 отсто. Со тоа до крајот на мандатот  да се постигне  просечна плата за вработените ширум целата земја од 34.000 денари.

-Минималната плата која што беше во 2016 за времето на Мицкоски и Груевски 9.000 денари ќе ја достигнеме до 2024 година да биде 120 отсто повеќе од тие 9.000 денари, ќе ја покачиме за 40 отсто, односно ќе постигнеме минимална плата од 20.000 денари. Пензиите ќе ги покачиме согласно порастот на животните трошоци и со секој раст на економијата ќе имаме ново покачување на пензиите. Најниските пензии ќе бидат покачени 21 процент до крајот на следниот мандат, рече Заев.

СДСМ се обврзува и на над една милијарда евра странски инвестиции за четири години засновани на иновации, на висок степен на финализација на производи и услуги и одржување на бизнисите.

-За четири години 2,2 милијарди евра јавни инвестиции и 1,2 милијарди евра директни приватни инвестиции. Тоа ќе донесе намалување на невработеноста на ниво од три проценти годишно и едноцифрен број на невработеност до крајот на мандатот.  За една економија да се развива и расте потребни се и сериозни инвестиции во инфраструктурата за подобро и поефикасно поврзување внатре и надвор. Затоа уште повеќе ќе инвестираме во патишта за уште подобро да бидеме поврзани. Источна Македонија виде како се инвестира во регионални, магистрални и експресни патишта, вели Заев.

Во новиот мандат ќе се градат експресни патишта во должина од 300 километри и локални патишта во должина од 950 километри, а  продолжуваат и со сериозни инвестиции во гасификацијата.

-Се она што го постигнавме во изминатите две и пол години или три немаше да биде целосно ако не го остваривме и деценискиот сон – да ја видиме нашата држава интегрирана во најмоќниот светски Сојуз. Денес Република Северна Македонија е 30-та земја членка на НАТО, рамо до рамо со светските сили – еднаква, почитувана и рамноправен партнер во најсилниот безбедносен Сојуз на светот. Тоа е членството во НАТО и тоа е нашата влезница во ЕУ. Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ. Умееме, можеме и се обврзуваме до 2024 да отвориме 80 проценти од поглавјата за интеграција во ЕУ, вели Заев.

Носителот на листата за пратеници на СДСМ и коалиционите партнери во ИЕ 3, Љупчо Николовски на денешното презентирање на програмата на партијата во Штип рече дека државата треба да ја водат одговорни политичари, а не како што рече домот да се остави на некој неодговорен или недомаќин.

– Единаесет години нашиот дом го оставивме на неодговорни луѓе. Оставија хаос. Мамеа со субвенциите, мамеа со државното земјоделското земјиште, оставија разочарани, уценувани земјоделци, без надеж за развој и просперитет. Далеку од тоа дека се сме завршиле или дека не можеме повеќе. Можеме уште повеќе и уште подобро со истокот! Од најзапоставен регион сега е пример за цела држава. Се работи домаќински. Не се трошат неброени милиони на градби од стиропор и слични глупости. Пари имало во државата и ќе има. Работата е како ги трошиш. За кратко време луѓето видоа дека можело поинаку со граѓанските средства, а не само расипнички и без усул, рече Николовски.

Забележа дека во овие три години, се овозможени и директна и индиректна поддршка во земјоделството во историски рекорден износ од над 430 милиони евра, а во наредниот период поддршката за земјоделците ќе биде 200 милиони евра годишно. Само во Источниот регион изминативе три години субвенционирани се над 3.617 земјоделци.

-Нема веќе привилегирани земјоделци, нема веќе лажни земјоделци. Парите и поддршката стигнуваат во вистинските раце.Мерката ЗЕЛЕНА НАФТА за земјоделска механизација е од голем бенефит за земјоделците, во моментов поддржуваме 50 проценти од зелената нафта, а до крајот на мандатот 2024 година ќе покриваме 100 отсто. Младите земјоделци до 40 години добиваат поддршка од неповратни 20 илјади евра, а претходно над 400 млади земјоделци добија неповратни средства од 10.000 евра да го унапредат сопственото производство, вели Николовски.

Носителот на листата на СДСМ во ИЕ 3, Николовски рече дека се  раскинати и незаконски склучените договори и огласени се  10.623 хектари државно земјоделско земјиште. Склучени се нови 376 договори со вистински земјоделци кои ќе го обработуваат земјиштето.

Со последните законските измени обезбедуваме предфинансирање на корисниците на мерките од ИПАРД програмата, со што го олеснуваме пристапот до овие фондови.Мислиме на иднината и затоа обезбедуваме стипендии за децата на регистрираните земјоделци кои ќе се насочат во оваа област, да градиме традиција, квалитет, вели Николовски.

Филипче се осврна во делот на здравството, што се е реализирано преку обновата на болниците, Итната медицинска помош, зголемувањето на платите на здравствените работници, а најави и низа на инвестиции во болниците, како и набавка на нови апарти и возила за здравствените институции и Брзата помош. Посочи дека по низата на проблеми со изградбата на Клиничка болница-Штип, чиј што  проект го затекнале како некомплетен, успеале овој проект кој беше заглавен да стартува со повторната изградба, но и ревидирање на дел од проектот.

 

One thought on “Заев, Николовски и Филипче во Штип ја претставија програмата „Можеме“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *