Делот од Програмата кој се однесува на драмската дејност е недоследен и нелогичен.
Распределбата на средствата и проекти помеѓу Националните установи наместа е апсурдна и очигледно е дека некои се фаворизирани на сметка на другите.Така на пример, за Велешкиот театар кој е установа со повеќе децениска традиција, одобрени се три проекти со вкупна сума од 2.000.000 денари, за разлика од Тетовскиот театар кој е релативно нова установа, на кого одобрени му се 6 проекти со вкупна сума од 6.800.000 денари. Само за споредба, реномираната установа Албански театар од Скопје, добила 3 проекти и сума од 5.000.000 денари.
Нелогична е распределбата на средствата и од поинаков аспект. Ако Кумановскиот театар, кој оваа година слави 70 годишен јубилеј, има проблем со греењето, како што завчера на телевизиско интервју истакна министерот Алаѓозовски, добил 4.000.000 денари за 5 проекти (два на македонски, два на албански јазик и средства за фестивалот „Денови на комедијата“), како тогаш на Тетовскиот театар, кој е, да повторам, релативно нова установа и има идентичен проблем со греењето, комисијата му одобрила 6 проекти (4 на албански, 1 на македонски јазик и средства за 6-тиот Меѓународен фестивал во Тетово) со вкупна сума од 6 800 000 денари.
Независната продукција е фаворизирана за сметка на Националните установи. На пример, за вечерната претстава „Забрането смеење“ од Миро Гавран на Струмичкиот театар одобрена е сума од само 500.000 денари, додека за детската претстава „Поштенска бајка“ – (чиј автор не е познат) на независниот продуцент Јавна локална установа за култура „Театар за деца“ од Скопје, издвоени се 600.000 денари.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека Министерството за култура фаворизира некои од авторите кои аплицирале на овој конкурс и, на некои од нив, им одобрило да работат дури и 4 проекти во една календарска година, на сметка на други кои имаат еден или ниеден проект во Програмата. Од тука го поставуваме прашањето: Дали Министерството за култура се претвора во партиски џелат кој ќе работи само за оние уметници кои ги поддржуваат политиките на СДСМ?!
Во оваа Програма кратени се и финансиски средства за реномирани фестивали, а како најдрастичен пример ќе го споменеме 17-тото издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“ за кого поддршката за 2018-та изнесува само 300.000 денари. Ова е безмалку 1/3 од поддршката што Министерството за култура ја издвои лани за овој фестивал, кога биле доделени 800.000 денари.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерството за култура јавно да соопшти дали и зошто еден од членовите на Комисијата за драмска дејност одбил да го потпише Записникот за работа на комисијата!
За крај, ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерот за култура да ја повлече скандалозната Годишна програма и да донесе нова, која ќе се темели на декларираните принципи за работа во културата.