Анѓушев: За два месеца осум нови иневстици во ТИРЗ, вредни 75 милиони евра

Во последните два месеци по претставувањето на Програмата на Владата за економски раст има нови осум инвестиции во ТИРЗ во вкупна вредност од 73,5 милиони евра што ќе отворат 1.570 нови работни места, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– За два месеци со нула потрошени пари имаме осум нови инвестиции со над 75 милиони евра и повеќе од 1.500 вработени, а за седум години со потрошени 225 милиони евра имаше само 23 инвестиции. Уште не сме ја почнале Програмата, а веќе се потпишани нови осум договори, а во скоро време ќе има уште 30 нови договори за странски инвестиции, рече Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата и најави дека има заинтересираност и кај домашните компании за инвестирање.

Како што кажа, шест од странските компании кои се веќе присутни во земјава најавиле удвојување на своите капацитети по препознавањето на можностите што ги нуди Програмата за економски раст.

Тој посочи дека инфраструктурата во скоро сите ТИРЗ не е дозавршена и додаде дека Владата во Буџетот предвидела средства за нејзино финиширање.

Според симулацијата, како што кажа, што  претходното ја направиле, само три од постојните 23 компании во ТИРЗ-овите нема да добијат повеќе средства со Програмата за економски раст, а тоа се компании на кои им било дозволено да не плаќаат социјално и здравствено осигурување за вработените. Кај сите останати компании државната помош ќе биде поголема од претходно.

Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека од денеска на ЕНЕР е ставен законот за финансиска поддршка на инвестициите, а вицепремиерот Анѓушев нагласи дека очекува до крајот на март тој да биде донесен, по што ќе биде и официјализирана Програмата за економски раст.

Симулациите што ги правеле кога ја носеле Програмата покажале дека за годинава се доволни 50 милиони евра што се издвоени од Буџетот за 2018 за поддршка на компаниите согласно Планот за економски раст, а доколку има потреба, како што нагласи, ќе биде направен и ребаланс.