„Фигаро“: Владата на Северна Македонија ги утврди парламентарните избори за во јули

 Владата на Северна Македонија го одреди датумот 5 јули за парламентарните избори, што беа одложени заради коронавирусот, одлука на која се противи десничарската опозицијата која тврди дека се зголемува заразата со Ковид-19 во земјата, јави дописникот на МИА.

„Фигаро“ објаснува дека Северна Македонија веќе шест месеци е управувана од техничка Влада надлежна за тековни работи во отсуство на распуштениот Парламент и по оставката во јануари на поранешниот премиер, социјалдемократот Зоран Заев. Парламентарните избори кои првично беа закажани за 12 април беа одложени поради здравствената криза. Оттогаш, политичките партии не можат да се усогласат за  денот на изборите, додава весникот.

– Социјалдемократите (СДСМ), тврдат дека земјата е предолго лишена од вистински институции и сакаат брзи избори. Опозицијата од десницата (ВМРО-ДПМНЕ) се противи на тоа, поради влошување на епидемијата со Ковид-19, која веќе три недели има нов пик на зараза, наведува весникот во текстот.

„Фигаро“ пренесува изјава на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која наведува дека „не постои демократска држава што може да си дозволи да функционира долго време без Парламент“.

Весникот го пренесува и ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека приорите на социјалдемократите треба да биде справување со епидемијата, наместо „водење политика со изборите“, бидејќи „здравјето и животот на граѓаните мора да бидат најважната работа“.

Парискиот весник, на крајот нагласува дека според македонските аналитичарим политичките партии ќе одржат неформални разговори во наредните денови и понатамошното одложување на изборите не е исклучено. Но, исто така претседателот Стево Пендаровски може да ја продолжи и вонредната состојба, со што ќе бидат одложени изборите.

Од првиот случај регистириран кон крајот на февруари, земјата со помалку од два милиони жители досега има потврдено 3.364 лица заразени со Ковид-19 и 164 смртни случаи, наведува денешен „Фигаро“.