Претставата „Госпоѓиците од Авињон“ – ода за создавањето уметничко дело

„Госпоѓиците од Авињон“ е претстава – ода за создавањето на уметничко дело која не бара да биде разбрана, туку почувствувана. Така екипата ја најави новата премиера на Македонскиот народен театар закажана за 21 февруари на малата сцена, по текст на Сашо Димоски и режија на Ненад Витанов.  Со праизведбата МНТ ќе чествува 110 години од создавањето на сликата на Пикасо „Госпоѓиците од Авињон“ (1907) со која се поставени постулатите на кубизмот.

Авторот Димоски на прес-конференција денеска рече дека се обидел да го пронајде она што него го провицира да пишува – да се отиде чекор понатаму во осознавањето на себеси….Метафора на вечната потрага по суштината на уметноста и на гласот на текстот, рече, е зуењето на една мува која е и сврзното ткиво на седумте сцени во неговиот драмски текст.

Во текстот, како што рече, ја деконструирал познатата слика „Госпоѓиците од Авињон“ на која се претставени пет куртизани од Барселона, а во драмата тоа се петте жени-музи што го инспирирале Пикасо: Дора Мар (Софиа Насевска-Трифуновска); Олга Коклова (Искра Ветерова); Франсоаз Жило (Гордана Ендровска); Мари-Терез Валтер (Ана Стојановска) и Ева Гуел (Звездана Ангеловска).

– Овие пет биографии на пет исклучителни жени кои едновремено биле музи и уметност сама за себе, беа дел од мојот истражувачки процес додека работев на подготовката на текстот…. Оваа претстава не бара да биде разбрана, туку почувствувана, рече Димоски и очекува дека таа ќе значи пробив на нов пристап во театарот што ќе го замени фабуларно-наративниот.

Режисерот Ненад Витанов соопшти дека претставата е жанровски измешана, со исечоци од животот на Пабло Пикасо и неговите љубови кои се и негови музи.

– Иако по форма е камерна, претставата е естетизиран и тежок креативен процес, истакна  Витанов.

Васил Зафирчев ќе го игра ликот на славниот шпански сликар. За текстот рече е почеток на постдрамски театар кај нас.

– Тој е реакција на модерната и постмодерната. За мене беше најпровокативно како приказната од текстот да се пренесе на минималистички, едноставен и сугестибилен начин. Оваа претстава најсетилно ќе комуницира со публиката без оглед на нивното предзнаење на постдрамските форми на театарот и на биографиите на Пикасо и на петте жени што имаат значајно место во неговиот живот, рече Зафирчев.

За актерките кои ги играат петте музи на Пикасо претставата е меланхолична и не е значајна само како приказна за уметноста, инспирацијата, љубовта.., туку и како нивни актерски предизвик – ново искуство во пристапот преку кој и публиката емотивно ќе се препознае во судбините на ликовите. Текстот, според нив, е исклучително тежок да се пренесе на сцената – збиен и продорен, со кратки реплики и без наративни делови.

Сценографијата за „Госпоѓиците од Авињон“ е на Филип Витанов, костимограф е Тања Кокев, композитор на музиката Калиопи Букле.