Во текот на денот ќе одлучиме дали ќе ја прифатиме понудата на Владата да се чека шест месеци за конечно да се реши сосојбата во „Еурокомпозит“, а во меѓувреме преку другата фирма ДООЕЛ Композитна опрема да добиваме бруто плата, рече претседателот на синдикатот на прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“, Роберт Богданоски на денешната прес-конференција.
Тој информира за вчерашната попладневна средба во Владата со вицепремиерот Кочо Анѓушев, со раководството на фирмата и со претседателот на гранковиот синдикат СИЕР, Пеце Ристески. На средбата присуствувал и минстерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
– На средбата Анѓушев рече дека има излез од ситуацијата ама треба да се чека шест месеци во кои треба да се најде купувач за компанијата и да се регулираат сите побарувања. До петок, 23 февруари раководството на „Еурокомпозит“ да понуди план за работа за во тие шест месеци ние да работиме и да земаме плата. Бруто плата би земале преку другата фирма „ДООЕЛ Композитна опрема“. Ние тоа денеска ќе го разгледаме иако ни беше понудено и пред шест месеци, на средбата со вицепремиерот Анѓушев, рече Богданоски.
Според синдикатот на „Еурокомпозит“ во текот на денот вработените треба да одлучат дали прифаќаат, а штрајкот не е прекинат.
– Што се однесува до евентуален пакет за технолошки вишок, од Владата е посочено дека треба да се направат консултации и пресметки со Министерството за труд и социјална политика. Условот го исполнуваат околу 120 од вкупно 260 вработени, рече Богданоски.
Инаку, вработените во „Еурокомпозит“ досега шест часа здравствено се осигурани преку „Еурокомпозит“ а два часа преку ДООЕЛ Композитна опрема.
– Сега понудата е комплетно, осум часа да бидеме осигурани преку „ДООЕЛ Композитна опрема“ за да земаме бруто плата, зашто сметките на „Еурокомпозит“ се блокирани. Ние се плашиме да не ги загубиме побарувањата од „Еурокомпозит“, а побаруваме заостанати плати и придонеси од 2012 година кои се околу два милиона евра, посочи Богданоски.
Според Пеце Ристески, од гранковиот синдикат СИЕР, за компанијата нема друга алтернатива освен понудената, а побарувањата на вработените остануваат.
– Нема друга алтернатива освен да се продолжи со работа во овој шестмесечен рок што го понуди вицепремиерот Анѓушев за да се најде стратегиски партнер на компанијата, да се исчистат побарувањата и конечно да се реши агонијата на „Еурокомпозит“. Побарувањата што ги имаат вработените нема да им пропаднат. Тие остануваат како такви, потенцира Ристески.
Генералниот директор Александар Кузески во телефонскиот разговор потврди дека од раководството најдоцна до наредниот петок се бара план за работа и уверува дека сите анализи ќе траат 10-ина дена, но треба веднаш да се почне со работење.
– Ние речиси го имаме подготвено планот за работа и ќе го доставиме до Владата. Има заинтересирани купувачи за фирмата и ситуацијата може да се реши за шест месеци, но доколку веднаш се почне со работа, порача Кузески.
На разговорите била спомената кривичната пријава што синдикатот ја поднесе против раководството, а вицепремиерот Анѓушев побарал комплетна документација за тоа.