Видео средба на министерот Димитров со словенечкиот колега Логар

 Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска остварил видео средба со словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар, на која се заблагодарил за континуираната и безрезервна поддршка на Република Словенија во процесот на интеграцијата во Европската Унија, како и во процесот и на веќе оствареното членство во НАТО.

Како што е наведено во соопштението од МНР, двајцата соговорници ги согледале можностите и следните чекори по одлуката за започнување пристапни преговори од март оваа година.

Министерот Димитров изразил благодарност за најавите од словенечка страна дека проширувањето на ЕУ со земјите од нашиот регион ќе биде високо меѓу приоритетите за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година.

Воедно, министрите размениле мислења за севкупните билатерални односи кои се карактеризираат со интензивна динамика и тенденција за нивно продлабочување и збогатување со нови содржини во сите области од заемен интерес. 

 –Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните состојби во двете земји во врска со справувањето со пандемијата КОВИД-19, искуства во процесот на справување со оваа тешка здравствената криза, како и за економските последици од истата.  Притоа, изразена беше волја за натамошна соработка и координација на активностите и справувањето со пандемијата, а министерот Димитров упати благодарност за донацијата со медицинска опрема која Владата на Словенија и ја додели на Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Министерот Логар нагласил дека одлуките во поглед на мерките кои важат при влез во Словенија на лица од трети земји ги носат исклучиво врз основа на епидемиолошката слика, која се следи на дневна основа. Следствено изразил уверување дека последната одлука во однос на потребата од изолација при влез во Словенија на лица кои патуваат од Северна Македонија, би се променила веднаш штом дојде до промена во позитивна насока, за што изразил желба да се случи што поскоро.