ЕК: Не може Северна Македонија да функционира вечно со техничка влада

Дипломатите и високите функционери во Брисел одблиску ја следат ситуацијата со изборите и преговорите помеѓу власта и опозицијата. Тие бараат консензус, но потсетуваат дека техничката влада „не може вечно“ да трае, јавува дописничката на МИА од Брисел.

-Разумно е да се размислува за избори, не може вечно да има техничка влада, но секако изборите треба да се одржат доколку условите се исполнети, коментираат високи функционери од Европската Комисија, каде моментално вниманието е целосно свртено на подготвувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија.

Во Брисел, како и во европските престолнини, повеќето соговорници на МИА се свесни дека без функционално собрание и демократски избрана власт, во време на криза кога треба да се носат суштински одлуки, сите политички партии треба сериозно да се посветат на преговорите и да одредат датум за избори, на консензуален начин.

Бојкот од една или друга страна, непризнавање на резултатите, се сценарија кои мора по секоја цена да се избегнат, коментираат во институциите на ЕУ, посебно со оглед на фактот дека од јуни проширувањето ќе се врати на дневниот ред на Унијата, со објавувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија.

Не треба да се запостави ниту фактот дека една земја членка, Бугарија, испраќа сигнали на незадоволство од одредени аспекти на билатералните односи, и дека влада со полн легитимитет ќе може суштински да се посвети на решавањето на потенцијални билатерални несогласувања, објаснуваат во Брисел.

Останува дека изборите мора да бидат беспрекорно организирани. Со други зборови, тоа значи дека освен компромис помеѓу сите партии, треба да бидат запазени здравствените услови, гласањето да биде сигурно и безбедно за граѓаните, да бидат добро подготвени, и, конечно, за нивен целосен легитимитет е пожелно да бидат присутни и меѓународните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, покрај домашните.

-Меѓународните набљудувачи не се обврска, но им даваат легитимитет на изборите, ако нема меѓународни набљудувачи се остава простор за оспорување на процесот и на резултатите, така што за ЕУ нивното присуство е значајно, велат дипломатски извори за МИА.

Од ОДИХР за МИА велат дека се во исчекување на одлука од македонска страна за да можат да се произнесат за набљудувачките мисии.

-Откако ќе биде одреден датумот за избори, ОДИХР внимателно ќе ги разгледа новите рокови имајќи ја предвид можноста на набљудувачите да патуваат како и било кои други рестрикции кои би можеле да се на сила. Сепак, сакаме да истакнеме дека не можеме ништо да планираме додека не се донесе таа одлука, стои во писмениот одговор на ОДИХР до МИА добиен попладнево.

Оттаму додаваат дека се во редовен контакт со властите во Северна Македонија за да се разјаснат условите за работа на нивните набљудувачи.

Во поглед на домашната политика, Брисел би сакал да види напредок во партиски преговори, како попрецизен договор околу некаков временски рок кога би се одржале изборите.

Дијаметралната спротивставеност на двете најголеми партии во државата околу датумот на изборите – крај на јуни, почеток на јули за владејачката СДСМ, и август или септември за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не им влеваат сигурност на европските партнери за сега.

-Вистина е дека септември е далеку, неразбирливо е од овдешна гледна точка зошто не може да се приближат ставовите, но секако не е наше да кажуваме кога да се одржат изборите. Како и да е, она што нам ни е важно е тие да се добро организирани и легитимни, најголем проблем ќе се појави ако има бојкот, е општиот консензус во Брисел.

Брисел од блиску ја прати ситуацијата и во соседна Србија и се надева дека Северна Македонија ќе ги извлече потребните по­­уки од тамошните случувања околу изборниот процес.

Дипломатите во ЕУ потсетуваат и дека овие избори ќе тежат и врз ЕУ перспективата на земјата.

Во текот на јуни, Европската Комисија ќе ја објави преговарачката рамка, која потоа ќе треба да биде одобрена од сите земји членки на Унијата. Во овој контекст, дипломатите и високите функционери препорачуваат Северна Македонија максимално да се вложи во негувањето на билатералните односи со двете соседни земји со кои има склучено договори за пријателство – Бугарија и Грција.

Од Европската Комисија не можеа да потврдат кој ден точно ќе се објави преговарачката рамка, ниту дали таа ќе се објави пред Советот за општи работи на ЕУ, за министрите на ЕУ да можат да го стават прашањето на дневен ред.

Со оглед на тоа дека преговарачките рамки стапуваат во сила само откако ќе добијат зелено светло од страна на Советот (односно земјите членки), важно е кога Комисијата ќе ги објави документите и дали од денот на нивното објавување до следниот министерскиот состанок ќе има доволно време за дебата на ниво на земјите членки.

Идниот Совет за општи работи е планиран на 15-ти јуни. Доколку Европската Комисија не ги објави преговарачките рамки на време, можно е министрите да се согласат да дебатираат за ова прашање на јулскиот состанок.

Иако начелно се споменуваше дека Советот за општи работи во јули ќе биде неформален, германското претседателство ја разгледува опцијата за регуларен, формален Совет, што би овозможило и носење на формална одлука за преговарачката рамка.

Ништо од ова меѓутоа засега не е потврдено и поради кризата со коронавирусот, сѐ може до последен миг да претрпи измени, потсетуваат во Брисел.