После 66 дена рестриктивни мерки во државата имаме полоша здравствена и економска состојба од таа која ја имавме на моменти кога се воведуваа овие мерки. Ова подразбира дека системот не функционира, а Владата не ги презема најефикасните методи за заштита на стандардот и здравјето на граѓаните, рече денеска претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Сето ова, вели, доведе до зголемување на јавниот долг во однос на бруто домашниот производ, односно ќе доведе до околу 95 илјади денари или околу 1.500 евра зголемен долг за секое семејство.
Според Мицкоски, податоците за економијата се се позагрижувачки. – Со првите два пакети на мерки не се помогна на бизнисот.Тие се недоволни. Ненавремено преземени, а сето ова го потврдува и слабата половична и потпросечна искористеност. Повеќето средства отидоа кај големи компании додека средните и малите бизниси едвај преживуваат. Што се однесува до третиот пакет мерки тоа е магла која Владата ја сее пред избори. Тие говорат за пари, за средства кои не можат да ги исплатат и истите имаат манипулативна природа. Создаваат надежи кои не се во состојба да ги реализираат и од тука има една тажна, но реална порака која секој бизнисмен ја разбира и си има работа со владата на Заев и Спасовски, а тоа е дека вистинска помош нема, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Тој се осврна на извештајот на Министерството за финансии за реализација на Буџетот во првите 4 месеци т.е. периодот 1 јануари до 30 април, кога како што рече, се уште ефектите од вирусот Ковид – 19 не се видливи во економијата.
-Ќе започнам најпрвин со дефицитот кој што изнесува рекордни ќе потсетам рекордни 200 милиони евра или од прилика нешто повеќе од 12 милијарди денари. Како е тој дистрибуиран по месеци, во месеците јануари 20 милиони, во месеците февруари – март 50 милиони, и рекордни 80 милиони евра во месецот април. Тоа е доволен показател дека владата немала ниту во момент намера да помогне на граѓаните и бизнисот туку единствена цел била поткуп т.е. обид за поткуп и милост од граѓаните да го заборават сето она кое што беше погрешно направено изминативе три години пандемија под раководство на СДСМ и Зоран Заев, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, само во првите четири месеци оваа влада и ова раководство на СДСМ го зголемиле долгот на граѓаните за 1,8 проценти од БДП.
-Наместо да имаме намалување на јавниот долг ќе имаме зголемување на јавниот долг само во првите четири месеци од 1,8 проценти. Секое семејство го задолжија за од прилика 25.000 денари, само во првите четири месеци од почетокот на годината. А, кога зборуваме за долгот би сакал да потсетам дека обврските кои ги имаме по однос на заемодавателите од минатото, а до крајот на годината треба да се сервисираат во износ од прилика 30 милијарди денари или нешто помалку од 500 милиони евра. А, обврските по однос на планираниот дефицит кој што владата ќе го направи до крајот на годината, почнувајќи од први мај завршувајќи со 31 декември се нешто повеќе од 34 милијарди денари или нешто повеќе од 550 милиони евра што значи дека до крајот на годината се потребни околу 1 милијарда и 50 милиони евра за да бидат сервисирани обврските кон заемодавателите со цел задолжување заради раздолжување и обврските кои што треба да се сервисираат по основ на дефицитот кој што ќе го има буџетот до крајот на годината, рече тој.
Мицкоски додаде дека тука не се опфатени првите четири месеци, а дефицитот до крајот на годината е составен како резултат на збирот на планираниот дефицит на почетокот на годината и намалените приходи во буџетот кој што ќе бидат до крајот на годината.
– Тука ќе потсетам не е опфатена помошта кон стопанството и тука ќе потсетам не е опфатена помошта кон граѓаните. За тоа ќе имаме дополнителен буџетски дефицит. Или до крајот на годината зголемувањето на долгот, на јавниот долг во однос на бруто домашниот производ ќе изнесува точно 5 проценти. Или ако се додадат на дополнителните 1.8 во првите четири месеци тогаш вкупниот зголемен долг на крајот од 2020-тата година без задолжувањето за помош на стопанството и граѓаните ќе изнесува околу 7 проценти од БДП или тоа е некаде околу 95 илјади денари зголемен долг за секое семејство, или 1500 евра зголемен долг за секое семејство само за една година, истакна претседателот на ВМРО_ДПМНЕ.
Во врска со реализацијата на капиталните инвестиции, тој истакна дека бројките и фактичката состојба ја демантираат Владата за успешноста на овој план.
– Во првите 4 месеци од 2020 година, во услови на техничка Влада реализацијата на капиталните инвестиции е околу 13 проценти од она кое што било планирано на почетокот на годината. Во 2019-тата година за истиот период реализацијата на капиталните инвестиции била 11.25 проценти, кога немаме техничка Влада. Да потсетам тоа е период кога исто така имаме изборен циклус, а тоа се претседателските избори. Во 2018-тата година реализацијата на капиталните инвестиции е 14.23 проценти. во 2017-тата година во истиот период, во првите 4 месеци кога исто така имаме техничка Влада, капиталните инвестиции се реализирани со интензитет од 27 проценти во однос на тие што биле планирани на почетокот на годината, рече Мицкоски.
Македонија, потенцира тој, преживува тежок период и со оваа власт нема да биде подобро затоа што не знаат, не умеат и немаат план. Ние, рече, тој план го имаме и тој план го понудивме на граѓаните, а на следните предвремени парламентарни избори повторно ќе го понудиме.
– На Македонија и е потребна обнова во секоја пора во ова општество и нова енергија која ќе ги решава вистинските проблеми. Имаме стратегија, а економијата мора да се развива, средствата да се трошат наменски со вистинска цел за развој на нашата држава. Гаранција за сето тоа е обновата која ќе ја започнеме и за која заедно со народот на следните предвремени парламентарни избори ќе ја победиме оваа три годишна пандемија предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев, истакна на прес-конференцијата Мицкоски.