Невреме во Долненско го уништи тутуновиот расад

Големото невреме проследено со град во текот на вчерашниот ден по 16 часот речиси целосно го уништи тутуновиот расад и насадениот дел на нивите во селото Заполжани, општина Долнени. Околу 220 жители на селото кои годишно произведуваат преку 220 тони тутун на 250 хектари,  сега се крајно загрижени, а штетите се огромни, речиси и до 100 отсто.

Според тутунопроизводителот Николче Николоски, невремето ги затекнало производителите на нива додека саделе тутун.

– Се се случи одеднаш. Немавме време ништо да преземеме освен да се заштититме од невремето. Остана тракторот среде нива, целосно се уништи расадениот тутун. И блиските расади со тутунот едноставно ги снема, изјави Николоски.

Владо Николоски вели дека не памети вакво невреме.

– Не паметам вакво невреме кое одеднаш целосно го уништи тутунот и расадот, вели Николоски.

Досега се засадени 30 насто од површините и целосно се уништени така е и со расадот.

– Не знам што ќе правиме. Главно од тутунот живееме. Поради студената пролет, тешко беше производството на расад, дури и 60 насто е како недостиг. Ако е така, не знам што ќе се прави, објаснува Гоце Јанчески од тутунско здружение.

Жителите бараат помош и велат мора некој да им помогне. Од локалната самоуправа на Долнени објаснуваат дека им стигнала пријавата за штетите.

-Во текот на денов ќе излеземе на терен за да ги констатираме штетите и да направиме записници, рече секретарот на Општината Урим Ибески.

Вчерашното невреме ги зафатило и атарите на долненските села Мраморани и бело Поле. Долнени е еден од најголемите тутунопроизводствени региони со годишно производство од преку 7.000 тони.