Полицискиот час за претстојниот викенд кој е продолжен со два празника, според предлогот на Комисијата за заразни болести треба да почне в сабота во 19 часот и да заврши во 5 часот во вторник. Овој предлог Комисијата го достави вчера до Владата.
Причината, според министерот за здравство Венко Филипче, се должи на непочитувањето на мерките од страна на одредени граѓани, а зголемениот број новозаразени со Ковид-19 е поради настаните и семејните собири што се случувале изминатите денови. Надлежните сметаат дека со ваква ригорозна мерка ќе се постигне вистински ефект.
Министерот Филипче на вчерашната прес-конференција посочи дека сите други ослободувања од рестрикциите, што беа најавени за крајот на оваа недела, ги оставиле за почетокот на следната недела. По викендот, од вторник, Владата ќе одлучува за функционирањето на угостителските објекти и евентуално скратување на полицискиот час.
Со новорегистрираните 19, вкупниот број на активни случаи заразени со коронавирус во земјава изнесува 381. Вчера се регистрирани 16 оздравени пациенти, а починати се четири лица. Во ГОБ „8 септември“ починала пациентка од Скопје на 65-годишна возраст примена на 11 мај, 71-годишен пациент од Скопје , хоспитализиран на 16 мај и пациент од Тетово на 73 години во болница од 11 мај. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 41-годишен пациент од Прилеп кој повеќе од 40 дена се лекувал на клиниката.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.858, бројката на оздравени пациенти е 1.367, а на починати е 110.
Во рамки на скринингот во градинките беа направени 223 теста, и нема позитивни. Од досега направените 1131 тестирања на вработени во градинките, само еден е позитивен на Ковид-19 во Битола.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни хоспитализирани се вкупно 46 пациенти. На кислородна поддршка се 20, на механичка вентилација се двајца пациенти.
Во ГОБ „8 септември“ вкупно се хоспитализирани 25 пациенти. На респиратор се двајца, a со потешка клиничка слика се уште четворица пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани осум, на домашно лекување се следат уште тројца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани шест пациенти, нема пациенти кои се следат на домашно лекување. На ифективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Охрид и Прилеп се хоспитализирани 49 пациенти, позитивни и сомнителни на Ковид-19.