На Скопскиот аеродром пристигна донација од Катар за справување со Ковид-19

На Скопскиот аеродром денеска пристигна донација од Катар за справување на земјава со Ковид-19. Донацијата ја пречекаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во улога на национален координатор на странска помош во земјава, во присуство на Хамад  Ал – Махмоод, вршител на должност амбасадор на Државата Катар во земјава.

Вицепремиерот Османи во името на Владата и од името на граѓаните, упати  благодарност до вршителот на должност амбасадор на Катар во земјава, но и до народот на Катар за донираната помош за нашата земја, соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

– Се работи за голема количина, преку осум тони заштитна опрема која се состои од:
близу 500.000 хируршки маски, околу 90 илјади трослојни медицински и хируршки маски, над 70 илјади заштитни маски N95. Покрај маските, пакетот содржи и десетици илјади заштитни очила, заштитни шлемови, заштитни скафандери, заштитни ракавици, истакна Османи.

Нагласи дека се работи за опрема која ни е потребна, која сериозно ќе ги зацврсти нашите капацитети особено во здравството и здравствениот систем, кои секако ја претставуваат првата линија на одбрана од коронавирусот.

– Обезбедувајќи ги овие донации од нашите меѓународни пријатели, обезбедуваме и сериозни заштеди во буџетот, што во време на соочување со економските предизвици од пандемијата е исто така многу важно, додаде Османи.

На примопредавањето на донацијата в.д. амбасадорот на Државата Катар, Хамад Ал Махмоод нагласи дека денешната хуманитарна помош е донесена преку Катарскиот фонд за развој и во насока на  поддршка на Владата на Република Северна Македонија во борбата против пандемијата Ковид-19, притоа потенцирајќи дека нашата земја секогаш може да смета на помош и поддршка од државата Катар и изрази надеж дека оваа глобална пандемија наскоро ќе заврши.