Ќучук: Северна Македонија треба да има политичка Влада и Парламент што е можно побрзо

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, во интервју за МИА, говори за потребата од организирање фер и демократски избори што е можно побрзо, за државата да може да има функционална Влада која ќе може да сноси одговорност и Парламент, кој ќе може да ја контролира нејзината работа.

Во разговорот, известувачот се осврнува и на несогласувањата помеѓу Скопје и Софија и најавите за можна блокада на преговорите за членство од страна на Бугарија. Тој повикува заедничката историска комисија да продолжи со својата работа, додека пак политичарите, вели тој, треба да се занимаваат со иднината.

Главна дебата во Северна Македонија сега се води околу датумот на одржување на парламентарните избори, кој е вашиот став по ова прашање?

Без да навлегувам во внатрешните работи, се разбира дека земјата има закони, има устав кои треба да се почитуваат, но гледано од Брисел како известувач за земјата, интерес и на Европската Унија и на Северна Македонија е таа да има избори кои ќе бидат демократски, фер и слободни и кои ќе дадат можност за формирање на Влада што е можно побрзо, за да има и функционален Парламент, кој ќе ги контролира решенијата што ќе ги носи власта. Ние гледаме како ќе се развиваат процесите и врз основа на спроведените избори, Европската комисија ќе излезе со свој извештај, а и ние во Европскиот парламент ќе имаме наша резолуција после извештајот за напредок.

Дали фактот што нема функционален Парламент и власт е проблем за објавување на овие извештаи на ЕК и на ЕП, кои се очекуваат во јуни?

Секоја техничка власт е ограничена во својот мандат и во своите надлежности, тоа го знаеме, не е како да има вистинска власт која може да преземе одговорност и се разбира и Парламентот игра суштинска улога. Најдобро е да има формирана политичка влада која ќе има одговорност пред македонските граѓани, ќе може да презема обврски пред меѓународните партнери и да има коректор во парламентот, така функционира секоја демократија.

Околу здравствената криза, генерално колку е можно да се организираат избори во услови на пандемија?

Јас не сум медицински експерт и не можам да проценам каква ќе биде медицинската ситуација во септември или октомври на пример, никој не може да каже дали нема да има втор или трет бран. Германските власти, институтот „Кох“, предупредија за таква можност. Гледано од нашиот регион гледаме дека ќе се одржуваат избори, во Србија, во Хрватска, така што тоа е политичко прашање, а главен треба да биде интересот на граѓаните и нивното здравје.

Дали во вашата резолуција ќе посветите дел на спорот со Бугарија околу јазикот и историските личности? Како ќе пристапите кон ова прашање?

Билатералните односи не се дел од преговарачката рамка, но сакам да кажам и дека добрососедските односи се дел од еден преговарачки процес. Северна Македонија и Бугарија се соседни, пријателски држави кои споделуваат заедничка историја и верувам и заедничка иднина во Европската Унија. Последните месеци беа искажани тешки зборови, а знаеме дека зборовите имаат продолжено дејство во политиката. Тие тежат. Не треба со една рака да избришеме сѐ што е постигнато, не можеме постојано да се навраќаме на изворната точка, ќе треба да се бараат заеднички формулации. За тоа и беше формирана историската комисија, интерес на сите ни е да продолжи да работи комисијата, а политичарите да создаваат услови за економски, културни и човечки контакти. Го кажувам ова како човек кој мисли на иднината. Моето мислење е дека владејачката партија во Северна Македонија секогаш ги признавала двата договори, со Бугарија и со Грција, како важен дел од политиката на земјата, како важни чекори во отворањето на патот кон ЕУ и НАТО. Тоа е и ставот на ЕУ институциите: да се почитуваат договорите за добрососедство, да се исполнуваат и заедно да градиме иднина. Не гледам причина Бугарија и Северна Македонија да бидат непријатели, гледам логика да бидат најдобри и најблиски пријатели во ЕУ, како Германија и Австрија на пример. Моите германски и австриски колеги заседаваат заедно, имаат заеднички иницијативи. Спротивното би било историска грешка.

Мислите дека Бугарија би блокирала почеток на преговори со Северна Македонија поради овие несогласувања?

Нема официјална позиција. Слушав интервју на госпоѓата Захариева (министерот за надворешни работи на Бугарија – н.з.) која потврди дека нема официјална позиција на земјата.

Кои конкретни чекори од двете страни би помогнале да се надмине спорот според вас?

Историската комисија треба да продолжи да работи и да има широк мандат. Сметам дека беше грешка што во последните неколку месеци таа не заседаваше. Таа треба да биде функционална и да заседава, да им се даде можност на историчарите да ги решат историските прашања, а политичарите да гледаат кон иднината. Модерниот интерес и на Бугарија и на Северна Македонија и на ЕУ е западниот Балкан да бидат поле на просперитет, безбедност и стабилност, тоа може да се случи само во ЕУ. Мојата задача како известувач е двете страни да се зближат максимално. Северна Македонија да се приближи максимално до ЕУ и да стане членка. Втора работа што е многу важна е да не се искажуваат тешки зборови, ниту пред избори, ниту после, ниту за време на изборите. Затоа што тие имаат своја тежина.

Конечно, дали може да очекуваме објавување на преговарачката рамка и на извештаите на ЕУ во јуни?

Сакавме да биде така, но не добивам такви сигнали, по сѐ изгледа дека ќе биде подоцна. Затоа повторувам дека одржувањето на фер и демократски избори со власт која има политичка одговорност и функционален парламент се клучни за односите помеѓу Скопје и Брисел.

 

One thought on “Ќучук: Северна Македонија треба да има политичка Влада и Парламент што е можно побрзо

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *