Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска првпат како полноправен член, учествуваше на 183-тото редовно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, највисокото воено советодавно тело на Алијансата.
На заседанието, кое првпат се одржува по пат на телеконференциска врска, началниците на генералштабови на Армиите на 30 земји членки согласно агендата разговарале за тековните операции, мисии, активности и оперативните заложби за градење на стабилност и зајакнување на партнерствата.
Претседавачот на ВК, воздухопловниот маршал, сер Стјуарт Пич, како што соопштија од ГШ на Армијата, во својот воведен говор на состабокот, помеѓу останатото го поздравил членството на Република Северна Македонија во НАТО и првото учеството на генералот Ѓурчиновски на ова заседание како полноправен член на ова тело.
Во воведниот дел обраќање имал и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој пред началниците на генералштабовите ги соопштил заклучоците од последниот состанок на министрите за одбрана на земјите членики на Алијансата.
Во своето обраќање генералот Ѓурчиновски ја повторил нашата заложба и целосна посветеност во соработка со сојузниците за подобрување на безбедноста во регионот и глобално, овојпат како полноправна земја членка. Воедно била искажана благодарност за поддршката за приемот во НАТО и за пружената помош и асистенција од сојузниците при справувањето со актуелната глобална здравствена криза.
На конференцијата, на која покрај началниците на генералштабови учествувале и врховните команданти на сојузничките сили во Европа и на сојузничките сили за трансформација, генералите Тод Вотерс и Андре Ланата на една од сесиите како актуелна тема се разговарало за улогата на НАТО во рамки на кризата предизвикана од Ковид-19 и на можностите за понатамошна поддршка на сојузниците кои искажуваат потреба за тоа.
Началниците на генералштабовите помеѓу останатото разговарале и за мисиите на НАТО, меѓу кои и за постојаната мисија за обука во Авганистан „Одлучна поддршка“ во која Армијата на Република Северна Македонија учествува со свој персонал од самиот почеток. Началниците разговарале за важноста на зачувувањето на постигнатите достигнувања во последните 19 години и евентуалниот иден ангажман во Авганистан.
Воениот комитет на ниво на началници на генералштабови се состанува двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, а еднаш годишно се среќаваат во некоја земја членка. Секојдневната работа во ова тело ја вршат постојаните воени претставници во на земјите членки седиштето на НАТО во Брисел.