Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР, бара 745 милиони американски долари додека забрзано се подготвува за да го спречи избивањето на КОВИД-19 помеѓу бегалците и останатите раселени лица ширум светот. Толкав е делот на УНХЦР во ревидираниот Глобален план на ОН за хуманитарен одговор кој побара 6,7 милијарди американски долари минатиот четврток.
Како што соопшти УНХЦР, врз основа на последните проценки на глобалните потреби за намалување на ударот на пандемијата врз присилно раселените луѓе, ова е зголемување на почетните 255 милиони американски долари кои УНХЦР ги побара претходно на 25 март. Со присуството на коронавирусот во секоја земја, вклучувајќи ги и оние кои примиле голем број бегалци и раселени лица, 71 милион бегалци и присилно раселени лица во светот се меѓу најизложените и најранливите од заканата на вирусот.
-Иако сè уште не се забележани епидемии во големите бегалски кампови и населбите со внатрешно раселени лица, УНХЦР забрзано делува во 134 земји кои прифатиле бегалци и во кои е пријавено локално пренесување на вирусот. Пандемијата нанесува длабоки рани низ светот, особено за жените и повозрасните луѓе. За луѓето кои побегнале од војна и прогон, ударот на нивното секојдневно голо
преживување и ударот на нивните домаќини се разорни“, вели Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.
Тој додава дека заедно со партнерите од НВО, ОН се одлучни да останат на овој пат и да се изборат за луѓето кои се приморани да бегаат и оние кои ги примиле, со што ќе се обезбеди нивно вклучување во јавната здравствена заштита и пристап до мерките за социјална заштита.
До денес, се посочува, коронавирусот зарази повеќе од четири милиони луѓе во светот и одзеде 280.000 животи. Бидејќи се очекува болеста во најсиромашните земји да го достигне својот врв за три до шест месеци, тимовите на УНХЦР низ светот се подготвуваат брзо – и за најлошото. Доказите за длабокиот и силен економски удар на кризата врз бегалците се многубројни. Низ Блискиот Исток и Африка, стотици илјади бегалци побарале итна финансиска помош за да ги покријат своите основни дневни потреби откако во март во многу земји стапија на сила целосни затворања и други јавни здравствени мерки.
Во Либан, кој се соочуваше со економски пад и пред пандемијата, повеќе од половина од бегалците кои ги анкетираше УНХЦР кон крајот на април изјавиле дека ги загубиле своите извори на заработка како што е дневниот наем на работници. Меѓу испитаните бегалци, 70 проценти изјавиле дека мораат да прескокнуваат оброци. Ударот врз жените бегалци е огромен, со што речиси сите кои претходно работеле
рекле дека нивниот извор на заработка прекинал.
УНХЦР е загрижена, се посочува, дека загубата на дневните плати и примања може да доведе до психосоцијални проблеми. Во Јордан, од март наваму, партнерските организации пријавиле значителен пораст на консултации за ментално здравје и консултации за психосоцијална поддршка.
Групите кои се особено под ризик од сиромаштија и експлоатација вклучуваат жени кои се глави на семејството, постари лица и припадници на ЛГБТИ популацијата. Нивната состојба може да се подобри според УНХЦР преку вонредна помош, особено преку вонредни парични грантови.
Благодарение на брзите и дарежливи придонеси на владините и приватниподдржувачи, УНХЦР брзо одговори на коронавирусот. За неколку недели, УНХЦР набави и на терен испорача повеќе од 6,4 милиони маски за лице, 850.000 наметки, 3.600 кислородни концентратори, 640 респиратори, преку 1.600 монтажни куќи и 50 болнички шатори. Покрај ова, со авион се дистрибуираа шест тони опрема за лична
заштита и медицинска опрема и 30 милиони американски долари во готовинска помош врзана за КОВИД-19, во 65 земји.
Средствата исто така ќе ѝ помогнат на УНХЦР дополнително да ги зајакне јавните здравствени и санитарни системи преку поголеми набавки на лична заштитна опрема, лекови, сапун и други хигиенски производи. УНХЦР, како што се посочува, исто така работи и да: ја зголеми паричната помош за најранливите семејства бегалци кои се во економски шок; да ги подобри засолништата во пренаселените населби со цел да спречи пренесување од човек на човек; и да обезбеди неколкумесечна залиха на помош и хигиенски производи за време на дистрибуцијата што ги почитува препораките за физичко дистанцирање.
Средствата исто така ќе ѝ овозможат на УНХЦР да ја зголеми заштитата и помошта, вклучувајќи ја и заштитата на деца и услуги поврзани со спречување насилство на сексуална и родова основа. УНХЦР итно ги адаптираше заштитните програми кои ги спасуваат животите на оние кои преживеале насилство и се бори да овозможи здравјето, психосоцијалната поддршка и услугите врзани за безбедноста да се
вбројат во неодложни активности и да останат достапни за бегалците и присилно раселените.
Повеќе од 80 проценти од бегалците во светот и речиси сите внатрешно раселени лица живеат во земји со ниски или средни примања, од кои некои се тешко погодени од конфликти, глад, сиромаштија и болести. Многу од присилно раселените лица се наоѓаат во кампови или пренаселени урбани делови и често живеат во несоодветни услови со ограничено и кревко јавно здравство, простории за одржување хигиена и системи за социјална заштита. Следствено на тоа, УНХЦР ја приоритизира подготвеноста и мерките за спречување кои ќе ги намалат заканите од пандемијата. Ова се критични мерки за да се избегне високиот број жртви меѓу бегалците и раселените лица кои живеат во пренаселени услови и ограничени здравствени, санитарни и водоводни инфраструктури.
Средствата побарани во ревидираниот апел на УНХЦР за КОВИД-19, ќе го покријат буџетот за хуманитарниот одговор на коронавирусот до крајот на годината. УНХЦР е благодарна на оние донори кои веќе придонесоа со значителни средства. Раната помош која дојде од Соединетите Американски Држави, Германија, Европската Унија, Обединетото Кралство, Јапонија, Данска, Канада, Ирска, Корпорацјата Сони, Шведска, Финска, Норвешка и Австралија, како и од индивидуалните приватни донатори од целиот свет, ни овозможи да ги зголемиме активностите глобално, стои во соопштението .