КАНЕЉАС ОСТАНУВА ВО ВАРДАР

По серијата најавени заминувања на ракометарите на Вардар, конечно за навивачите една добра вест. Шпанскиот  репрезентативец Жоан Канељас потврди дека ќе го испочитува договорот со клубот од кој останува уште една година.

-Моите планови се врзани за Вардар. Имам уште една година од договорот, а како ќе се одвиваат работите дотогаш ќе видиме. Засега работите стојат така – изјави Канељас.

Утре Вардар го игра последниот натпревар од групата во ЛШ против Кристијанштад. Нашиот тим засега е единствената непоразена екипа, а Канељас очекува така да остане и по утрешната средба.

– Мораме да победиме на сите натпревари кои ги играме дома. Имаме одлична позиција и не смееме да направиме “кикс” и да дозволиме Барселона или било која друга екипа да не стигне – вели Канељас.

Натпреварот меѓу Вардар и Кристијанштад се игра утре во СРЦ “Јане Сандански” со почеток во 17:30 ч.