Почна таргетираниот скрининг со ПСР тестови – први се тестираат вработените во градинките

Министерството за здравство соопшти дека денеска почна таргетираниот скрининг на одредени критични категории на пациенти за Ковид-19.

-Од денеска почнува скринингот на одредени критични категории. Почнуваме со вработените во градинките, со цел паралелно на овој процес со кој се прави изготвување на протоколот за работа на градинките, тие да се ставаат во функција. Сметаме дека е ова најдобриот пристап, затоа што и на тие несвесни носители на вирусот ќе бидеме во можност контактите да ги ставиме во изолација. Затоа и го нарековме таргетиран скрининг, рече министерот Филипче.

На територија на Република С. Македонија, како што се посочува, се отворени пунктови за земање брисови од пациенти кои се упатени од матични лекари по претходен скрининг за Ковид-19 во просториите на центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, а за Град Скопје во поликлиниките на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.

Таргетираниот скрининг за вработените во градинките се спроведува по посебен протокол и со земање на брисеви во пунктовите со веќе дефинирано работното време од 8 до 14 часот.

Закажувањето на земање на брис за вработени во градинки се врши преку договор меѓу надлежниот Центар за јавно здравје или Подрачна единица од територијата на соодветниот ЦЈЗ/ПЕ. Распоредот за земање на брисеви по денови е согласно табеларен распоред. Се применува Протокол за земање на биолошки материјал (брис) од пунктови за скрининг на лица во ризик од КОВИД-19 во однос на користење на ЛЗО и земање на биолошки материјал, информираат од Министерството.

Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје направија план за скрининг на лица за кои се смета дека се во критична категорија. Во овој скрининг ќе бидат тестирани здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижувањена стари лица, пациенти со хронични болести кои беа одложувани, пациенти на биолошка терапија. Скринингот ќе се прави со ПСР тестови, а целта на тестирањето е да се идентификуваат асимптоматските носители на вирусот – односно луѓе кои се заразени, а не се свесни поради тоа што немаат симптоми. Со оваа стратегија, ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително зголемување на бројот на тестови, стои во соопштението.