Исплатени 88,6 милиони денари субвенции на 4.945 сточари со задржани женски јагниња и јариња

На сметките на 4.945 сточари кои имаат задржани женски јагниња и јариња денеска се исплатени субвенции во износ од 88,6 милиони денари, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Станува збор за исплата на средства од мерките 2.8 финансиска поддршка за задржано женско јагне и мерката 2.10 финансиска поддршка за задржано женско јаре по Програма за финансиска поддршка во земјоделството 2019.

На 3.179 сточари кои имаат задржано женско јагне им се исплатени 78.058. 400 денари, а на 1.766 сточари со задржано женско јаре 10.516. 100 денари.

Според директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, со оваа мерка директно се влијае на окрупнување на стадата, како и на зголемување на производство на млеко.

– Праксата за навремена и неселективна исплата на субвенциите продолжува. Парите за земјоделски субвенции се исплаќаат во период кога на земјоделците и на сточарите средствата им се најпотребни, односно, пред почеток на новата реколта или ново рефинансирање на средствата за окрупнување или обнова на стадата, вели во пишана изјава Бабовски.