Со 33-те нови случаи (Скопје-11, Куманово-2, Штип-1, Прилеп-5, Тетово-2, Велес-9, Битола-2, Крива Паланка-1) со Ковид-19 во земјава, денеска имаме скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе го следиме наредните денови, за да видиме дали е случајност, некаква варијација или ќе биде некаков тренд.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека тоа се резултати од само еден ден и не можат ништо да заклучат само од овие резултати од денеска, односно од изминатите 24 часа.
– Ако се сеќавате, во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број заболени, во еден момент имаше и над 100 новодијагностицирани. Во таа смисла во текот на утрешниот ден, во сабота, ќе ги анализираме новодијагностицираните случаи и ќе носиме заклучоци на што се должат тие. Засега остануваат на сила сите мерки и апелирам сите граѓани да продолжат доследно да ги почитуваат, потенцира Филипче.
Посочи дека со 33 нови случаи, вкупниот број дијагностицирани со Ковид-19 во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.572, бројката на оздравени пациенти е 1.079, на починати е 89, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 404.
– На пат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина пациент од Велес на 70-годишна возраст, кој од 4 мај бил хоспитализиран на инфективното одделение во болницата во Велес, а поради влошување на состојбата бил препратен во Скопје. Институтот за јавно здравје денеска регистрира 22 оздравени пациенти и тоа во Скопје -2, Куманово-6, Штип-3, Прилеп-7, Тетово-1, Струга-1, Кочани – 2. Во изминатите 24 часа направени се 332 тестирања, потенцира Филипче.
Во изминатото деноноќие, нагласи, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се тројца пациенти, а вкупно хоспитализирани се 44 од кои на кислородна поддршка се 15, а на механичка вентилација се четворица пациенти.
– Во ГОБ „8 Септември“ примени се осум нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 18. На респираторна машина е еден пациент, а уште двајца се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, а на домашно лекување се следат тројца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани шест пациенти, а уште еден пациент се следи на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид и Тетово се хоспитализирани 54 позитивни и суспектни на Ковид-19, додаде Филипче.