Честитка од Христијан Мицкоски по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и азбука

Им го честитам на сите граѓани на Република Македонија 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и азбука.

На денешен ден пред 75 години македонската азбука е усвоена како официјално писмо на македонскиот јазик.

Блаже Коневски велеше јазикот е нашата татковина, а Крсте Петков Мисирков напиша дека постои македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.

Денеска како никогаш порано македонскиот јазик и нација се ставен пред премрежије и негација поради лошите и непромислени политики на актуелната власт. Штетната политика на власта ја отвори вратата на пропагандите, негациите, проблемите.

Нашето вековно постоење и македонската самобитност на нација и јазик е загрозена и замената со желбата за моќ и пари на оние кои управуваат со власта. Тие сакаат да управуваат и тргуваат со нашето постоење. Со едната рака покажуваат како го бранат јазикот, со другата го раскрчмуваат.

Но сакам да потенцирам дека јазикот е жива материја и истиот опстојувал со веков и ќе продолжи да опстојува и понатаму без разлика кој и да сака да го загрози.

Македонската нација и јазик поминале низ поголеми премрежија, но останале тоа што се. Ќе го поминеме и овој период како што доликува.

Повикувам на поголема свесност на негување и зачувување на нашиот јазик.

Дозволете ми уште еднаш да ви го честитам 5 мај- Денот на македонскиот јазик и азбука со желба за долг и вековен развој.

Со почит,