Односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан се движат во позитивна насока во последните месеци, по одлуката за започнување на долго одложуваните преговори за членство со Албанија и С. Македонија и со обезбедувањето значителна медицинска и финансиска поддршка во справувањето со Ковид-19, оценува соработникот на Институтот за економски прашања од Лондон, Владимир Круљ во текст во „Еурактив“.
Според Круљ, за успешно решавање на проблемите ќе биде потребна чесност и вистинско лидерство на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, бидејќи иако започнувањето на пристапните разговори со земјите од регионот сугерира на напредок во владеењето на правото и слободата на медиумите, сепак реалноста е сосема поинаква.
– Прашањето за корупција останува проблематично како и секогаш, смета Круљ, кој е поранешен главен економски советник за српскиот преговарачки тим со ЕУ.
Тој оценува дека иако ЕУ додели милијарди евра за регионот и најави над 3,3 милијарди евра финансиска поддршка поврзана со справувањето Ковид-19, сепак и двете страни признаваат дека фондовите на Унијата и натаму не се соодветно искористени.
– За повеќето влади од Западен Балкан, пристапувањето кон ЕУ е игра што треба да ја играат, но во која на сакаат да победат или барем тоа да го сторат за брзо време. За нив е далеку подобро да продолжат да играат со геополитички ривали на ЕУ и да можат да продолжат да добиваат финансиски средства со избегнување на незгодните проверки кои се карактеристични на членството во Унијата, смета Круљ.
Но, според него, и ЕУ е среќна што ја игра оваа игра, бидејќи прави доволно да ги одржи реалните заложби за членство и за регионална стабилност и во исто време ги попречува амбициите на Русија, Кина и Турција во регионот.
– Вистинските жртви во оваа ситуација се граѓаните на земјите од Западен Балкан, кои копнеат за политички и економски напредок, оценува Круљ.
Според него, отсуството на ефикасно лидерство од страна на ЕУ отвора простор за влез на Кина, Русија и Турција, кои „подобро го разбираат менталитетот на регионот“ и не се водат од принципите или ограничувањата на ЕУ.
Круљ смета дека некои балкански држави би можеле да ја одбијат понудата за финансиска поддршка од ЕУ за справување со Ковид-19, во услови истата можат да ја добијат од нејзините геополитички ривали, без да се придржуваат кон строгите правила на Унијата.
– Многу аналитичари тврдат дека ЕУ веќе едноставно нема ресурси или енергија да го реализира своето лидерство и да спроведе вистинска промена на Западниот Балкан. Тие дури сугерираат дека можеби е време да го препушти тоа западно лидерство на САД, додава Круљ.
Сепак, според него, поддржувачите на ваквите аргументи не ја препознаваат важноста на Западниот Балкан за ЕУ и ги игнорираат значителна енергија и ресурси што се потрошени досега.
– Се појавува и тенденција да се заборави на економските потенцијали на регионот. ЕУ може да се насочи кон економските потенцијали, додека во исто време испраќа моќна порака за важноста на европскиот проект и вредности. На ЕУ и е потребна поискрена стратегија ако сака да ги убеди лидерите на регионот да престанат да играат со нејзините геостратешки ривали, додава Круљ.
Тој смета дека во услови кога луѓето од Западен Балкан се повеќе се скептични во врска со можностите за членство на нивните земји во ЕУ, Брисел мора да им испрати јасна порака дека е целосно посветен на пристапниот процес и дека нивните влади се движат по патот на напредокот.
– Со новата методологија и план за проширување на ЕУ со Западен Балкан на работите не може да се гледа како досега. Мора да се признае дека фондовите на ЕУ продолжуваат да се користат несоодветно. Треба да се создаде нов и вистински независен механизам за контрола на дистрибуцијата и употребата на фондовите на ЕУ, оценува Круљ.
Според него, ЕУ треба и да ја промени својата на политика на давање „добри оценки“ за напредокот и да биде многу построга и потранспарентна во оценувањето, при што треба да посвети повеќе внимание на обезбедувањето независност на демократските институции.
– Пост-ковид периодот создава зголемени ризици, но исто така овозможува и да ги промениме досегашните начини на водење на работите. Самитот ЕУ – Западен Балкан дава реална можност Унијата да го промени пристапот кон Западниот Балкан, а на граѓаните од регионот им останува да се надеваат дека тој нема да биде само залудно потрошено време, заклучува Круљ.