Ана Бјерде, Швеѓанка по националност, на 1 мај годинава стана новата потпретседатлка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија. Таа ќе ги предводи стратешките, аналитички, оперативни и истражувачки активности во регионот.
Бјерде, се вели во соопштението од канцеларијата на Светската банка во земјава, го презема водството на регионот на Европа и Централна Азија во период на исклучителни предизвици за земјите клиенти на Банката. Многу земји се соочуваат со сериозни здравствени, социјални и економски последици како резултат од КОВИД-19 пандемијата. Во услови на континуирана неизвесност, додаваат од Светската банка, најновото економско ажурирање на Светска банка во Европа и Централна Азија предвидува различни сценарија за негативен раст за регионот, вклучително и голема рецесија во 2020 година, со раст кој се движи помеѓу -4,4 и – 2,8 проценти,
-Како потпретседателка за Европа и Централна Азија, ќе соработувам со владите во земјите клиенти за да им помогнам во постигнување на силни развојни резултати, но нашиот сегашен фокус е насочен кон решавање на последиците од КОВИД -19 пандемијата врз здравството и економијата“, вели Бјерде и додава дека на краток рок, СБ обезбедува брзо финансирање и алатки за политики за да помогнеме во заштита на човечките животи и приходите на граѓаните. На среден рок, потенцира таа, ќе им помогнеме на државите да ги ублажат економските и фискални последици од кризата преку соодветни мерки на политики и финансирање.
До сега, Светската банка обезбеди повеќе од 1,4 милијарди долари за да им помогне на земјите во Европа и Централна Азија да ги ублажат последиците од КОВИД-19. Од 2-ри април 2020 година, околу 490 милиони долари се одобрени преку нови проекти за итен одговор. Покрај тоа, 925 милиони долари се распределуваат, користат или се ставаат на располагање од постојните проекти и заеми, вклучително и дополнително финансирање, за да им се помогне на земјите да одговорат на КОВИД -19.
Финансирањето овозможува набавка медицинска опрема, вклучително дијагностички комплети, респиратори и вентилатори, и зајакнување на капацитетите на здравствените системи, во што спаѓа и обука на здравствените работници, како и за поддршката во социјалната заштита за најранливите погодени од КОВИД -19. Моментално, неколку земји од регионот разговараат со Светска банка за идни проекти и поддршка за да им помогнат во справувањето со влијанијата од пандемијата.
Бјерде во текот на нејзината дваесет и петгодишна кариера била на повеќе високи функции во Светска банка. Таа е признат лидер во областа на економскиот развој, со фокус на инклузивен раст и одржлив развој. Доаѓа на местото на Сирил Мулер, кој беше потпретседател за регионот на Европа и Централна Азија од јули 2015 година.
Од Светската банка најавуваат дека во следните 15 месеци ќе распоредат до 160 милијарди долари финансиска поддршка за да им помогнеме на земјите да ги заштитат сиромашните и ранливите, да ги поддржат бизнисите и да го поттикнат економското закрепнување, вклучувајќи и 50 милијарди долари нови ресурси на ИДА во вид на грантови или заеми со многу поволни услови.