Теориите на заговор се шират без никаква основа и без соодветно проверување на фактите и тие може да содржат бескорисни, погрешни, па дури и штетни информации и совети, кои можат да го попречат одговорот на јавното здравство на кризата со Ковид-19 и да придонесат за социјални немири и поларизација, смета шеф на Политичкиот оддел во Регионалниот совет за сорботка (РЦЦ), Амер Капетановиќ.
– Ниту нашиот регион не остана имун. Дискурсите од типот „можеби овој вирус е направен во лабораторија и е насочен против Кина и Иран“, како и многубројни други, можеа да се видат во традиционалните медиуми и на социјалните мрежи во целиот регион. Безброј лажни и злонамерни информации ја контаминираа јавната сфера до тој степен, што ја натера Светската здравствена организација да ги прогласи за прва „инфодемија“ во човековата историја, предупредувајќи во истовреме, дека ширењето на лажни вести е речиси еднакво опасно како и ширењето на вирусот, додава Капетановиќ.
Тој потенцира дека лажната приказна доаѓа до луѓето шест пати побрзо од вистинската, а во време на криза е изразена тенденцијата на дел од населението повеќе да верува во гласините, отколку на официјалните информации, како последица на емотивната реакција на стравот.
– Така, информациите се шират и натаму, и иако, повеќето тоа го чинат без лоша умисла и едноставно затоа што не се доволно информирани да ги препознаат непроверените информации, сепак тоа може да предизвика проблеми во целото општество. Кога лажните информации и дезинформации се повторуваат и се продлабочуваат, вистинската опасност е во тоа што информациите базирани врз вистината ќе имаат ограничено влијание, смета Капетановиќ.
Тој потсетува дека по скандалот со компанијата „Кембриџ Аналитика“ и „Фејсбук“, поврзан со референдумот за Брегзит во Велика Британија, ЕУ донесе акт со кој избрите се штитат од злоупотреба на податоците, како и дека лани беше утврдено дека околу 500 сомнителни страници и групи на „Фејбук“ од целиот регион ширеле лажни наративи и користеле други манипулативни тактики за промоција на групите на екстремната десница и на антиевропските групи, за време на кампањата за европските избори.
– Регионалниот совет за соработка врз база на овие европски искуства, работи врз создавање платформа за Западен Балкан која ќе работи на сузбивање на лажните вести, додава Капетановиќ.
Капетановиќ нагласува дека според едно истражување на Галуп, во некои земји од Западен Балкан, граѓаните генерално веруваат дека ризикот од вирусот корона е претеран, при што во некои случаи маргината е многу голема, односно над 70 проценти од испитаниците, што според него, се должи на ниското ниво на медиумска писменост во регионот.
– Затоа треба да се вклучиме, да пронајдеме соодветен регионален механизам и да развиеме одржливи алатки за да им помогнеме на медиумите и на пошироката јавност на Западен Балкан да прават разлика помеѓу потврдените информации објавени од веродостојни медиуми и лажни информации или дезинформации на социјалните мрежи. Како што е веќе докажано во времето на короната, образованите и правилно информирани граѓани, кои одржуваат социјална дистанца и се однесуваат одговорно, се клучен фактор за тоа како да се справиме со пандемијата. Борбата против инфодемијата бара иста грижа и одговорност. Ако медиумите и граѓаните можат да ги препознаат и да ги ограничат неточните информации и да овозможат тие да „умрат“ во корпата за отпадоци на нивните електронски уреди, тоа дефинитивно ќе ја запре „контаминацијата“ од поголеми размери со незаконски наративи, оценува Капетановиќ.