Кумановскиот градоначалник негативен на контролниот тест за Ковид-19

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска на социјалните мреж објави дека е негативен на контролниот тест за Ковид-19 и најави дека од утре продолжува со работните обврски.

– Сакам да ја информирам јавноста дека штотуку го добив резултатот за вториот контролен тест кој е негативен, направен во Институтот за Јавно здравје. Од утре продолжувам посветено со моите работни обврски, напиша Димитриевски.

Тој во објавата наведува дека е разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ, истакнувајќи дека од 1995 година се води по начелата на неговата партија за демократија, еднаквост, отчетност, одговорност и вели дека во тој дух ја извршува функцијата градоначалник на најголемата општина во државата и ќе продолжи во тој правец.

– Длабоко сум разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ и ја сметам за избрзана и несреќна. Покрај политичка носиме и институционално-општествена одговорност кон граѓаните и јавноста кои не избираат по предлог на партиите, пишува Димитриевски.

Во објавата, тој додава дека дебатата ќе се води внатре во партијата и дека  сега е време за дејствување против епидемијата и помош за граѓаните.

Тој се осврнува и на пријавата што е поднесена против него, пишувајќи дека нема основа за кривично дело.

– Постапката ќе покаже дека нема основа за кривично дело и дополнително ќе ги потврди сомнежите. Институционалната хајка која се води против мене и членовите на штабот изминатите денови, за мене до овој момент е неразбирлива. Не сакам ни да помислам дека некој во овие тешки моменти се поигрува со здравјето на моите сограѓани, води политика и креира црни сценарија за елиминација на неистомисленици, наведува Димитриевски во објавата.

Тој посочува дека дотогаш останува посветен на борбата против епидемијата и секојдневните обврски за доброто на сите граѓани и ги повикува надлежните да му го достават на увид извештајот од вонредниот инспекциски надзор.

– Уште еднаш ја повикувам директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и министерот за здравство да го достави извештајот на увид на мене, штабот и јавноста, сепак тоа не е таен документ. Да живее Социјалдемократски сојуз на Македонија, Куманово, Македонија и сите нејзини граѓани, пишува Димитриевски.