Нови услови за мерката 14.500 денари субвенции за плати во стопанството

Новини во мерката за 14.500 денари финансиска поддршка од Владата за исплата на плати за април и мај годинава по вработен во стопанството, а кои се однесуваат  на зголемување на опфатот на фирмите, олеснување на дел од критериумите и зголемување на флексибилноста, претстави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа појасни дека станува збор за подобрување на мерката од вториот пакет економска помош од Владата за стопанството за која се издвоени 100 милиони евра, а којашто треба да стартува со примена за неколку дена и да опфати 250.000 вработени. Новините се во координација со Светска банка, која ќе финансира дел од оваа мерка со заем од околу 50 милиони евра, а на нив се работело заедно со Управата за јавни приходи.

Ангеловска потенцираше дека мерката се однесува за сите дејности и оти вонеа се вградени сите предлози, критики, сугестии и барања што ги слушанел од стопанството во изминатиот период.

-Точно пред почетокот на имплементацијата на мерката и  можноста за аплицирање на компаниите кажуваме дека имавме конструктивен дијалог, покажуваме флексибилност, покажуваме дека во оваа фаза секоја влада треба да биде агилна и да ги слуша сугестиите и критиките и секако во рамки на можностите кога може да ги имплементира и да ги прифати. Се прави прилагодување и дополнителна флексибилност за стопанството, рече Ангеловска на прес-конференција во Владата.

Таа информираше дека се олабавуваат условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката. Со сегашните услови малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број на вработени минус 15 проценти, средните до минус 10 проценти и големите фирми до минус пет проценти од вработените. Пред промената на овој услов тие беа обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули, односно два месеца по користење на мерката.

Воедно, се излегува во пресрет на најпогодените дејности од Ковид-19, односно угостителството, туризмот и транспортот со дополнителна поддршка. Овие три дејности ќе може да ги комбинираат антикризните мерки 14.500 денари по вработен и 50 проценти субвенција на придонеси, што не беше случај досега. Доколку фирмите немале загуба две години по ред, односно за 2018 и 2019 година, не се на листата на должници на УЈП од март 2020 година, заклучно февруари не доцнеле со плаќање на обврски по основ на кредити подголго од 90 дена од денот на достасување ќе можат да ги користат и двете антикризни мерки. -Со ова, тие ќе може да исплатат поголеми плати на работниците, бидејќи поддршката која ќе може да ја добијат изнесува и до 19.500 денари, рече Ангеловска.

Дополнителна поволност која им се дава на фирмите што ја користат мерката„финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, е можноста средствата кои ги земале преку меркава да им се трансформираат во грант, односно неповратни средства. Претходно беше предвидено компаниите кои би оствариле загуба годинава  да не ги враќаат средствата од помошта.

Се проширува опфатот на мерката и со oние фирми кои последниве две години имаат добивка, кои не се на листата на должници на УЈП и кои до март годинава не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредит подолго од 90 дена од доспеаноста и доколку инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработени, надградба на процеси, продуктивен капитал. Средствата и за нив ќе се трансформираат во грант средства.

Со оваа мерка работодавачите добиваат поддршка од 14.500 денари месечно по работник, а пак работникот добива извесност дека ќе го задржи работното место и по завршувањето на кризата, потенцира министерката за финансии.

Мерката е наменетa за секоја фирма која ќе нема намалување на приходите од најмалку 30 проценти во април и мај во однос месечниот просек лани,  која нема да исплаќа дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката, а просекот од највисоките нето-плати на 10 проценти од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.

Како што појасни Ангеловска, за мерката може да аплицираат фирми за работници за кои се користи мерката за субвенција на придонеси за покачување на плата од 600 до 6.000 денари, таа може да се користи од најпогодените сектори во комбинација со 50 проценти субвенции на придонеси, а може да ја користат и управители и сопственици на микро и мали претпријатија вработени во нив. Компанија која остварила загуба нема да ја врати добиената финансиска поддршка, таа што ќе има добивка ќе врати лимитиран износ до 50 проценти од добивката пред оданочување. Исто така и компанија која оствариле добивка, а која е „здрава“ исто така нема да враќа односно ќе може да ја претвори поддршката во грант.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска соопшти дека работодавачаите за користење на мерката  од следниот месец треба да поднесат барање за финансиска поддршка преку системот е-даноци најдоцна до 7 мај за платите во април, односно до 7 јуни за платите во мај. барањето УЈП ќе го потврди во рок од три дена од денот на прием . 

Бенефитите ќе ги почувствуават сите веќе со исплата на априлската плата. УЈП за оваа мерка го надгради системот со цел на брз и едноставен начин да се аплицираат компаниите. Државата се грижи секое вработено лице да го задржи своето работно место, наведе Лукаровска.

Директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово во рамки на регионот на Европа и Централна Азија, Марко Мантованели, пак, потенцираше дека повеќето од нивните препораки се вклучени во главната рамка усвоена од нашата  Влада и оти неколку се дел од уредбата што беше претставена денеска за мерката.

-За да ги поддржиме нашите препораки за време на примената понудивме мобилизација  од неалоцирани средства од проекти на Светска банка кои се веќе одобрени за финансирање на мерката на Владата за субвенција на платите за неколку месеци со тоа што тие треба да се насочат кон поддршката за добростоечки макро  мали и средни претпријата врз основа на лесно применливи критериуми. Таргетирањето го правиме бидејќи веруваме оти тие претпријатија ќе бидат јадрото на економското закрепнување на земјата, наведе Мантованели.

Уредбата, појасни, укажува на тоа дека треба да постои одредена флексибилност за одлуката поврзна со оптималното ниво на вработеност откако состојбата ќе се нормализира.  Таа предвидува за компаниите кои ќе остварат профит до крај на годината да имат можност да ги реинвестираат парите во нивниот бизнис за да ја  унапредат својата работа наместо да ги враќаат во државнит буџет. Долполнително добростоечките компании во тешко погодените сектори како што се туризмот,угостителството може да имаат корист од дополнителната поддршка која ќе дојде во форма на финансирање за потребите на покривање на дел од социјалните придонеси за вработените кои ќе ги задржат. Мислиме дедка ова се мерки кои може да помогнат  на добростоечките компании да ја поминат кризата и да задржат задоволително ниво на вработени, рече Мантованели.