Поранешните вработени од „Веибо Груп” во Крива Паланка и денеска, втора недела по ред, протестираа пред погонот на фабриката искажувајќи револт кон раководството.
Погонот на фабриката не работи од 1 февруари, откако 210 вработени по истекот на договорите останаа без работа, но и без исплатени три плати, придонеси за пензиско и здравствено осигурување и неплатени прекувремени работни часови.
Минатата недела на барање на работниците, менаџерката на „Веибо Груп“, Кристина Јакимова, се сретна со Иницијативниот одбор на работници, барајќи да достават правен документ, со кој ќе ги застапуваат сите работници, за да понатаму, склучат спогодбен договор со конкретни рокови за подмирување на побарувањата на работниците.
– Ова не се реализираше, а ние како работници во страв да не влеземе во правен лавиринт и да бидеме изманипулирани, побаравме Јакимова да ни испрати писмена гаранција со која ќе ги утврдат датумите кога би ни го исплатиле она што го должат. До петокот ние чекавме да ни вратат повратна информација, електронска пошта или што било, за да знаеме што ќе следува, но оттогаш наваму никој со нас не контактира од страна на раководството, рече Лидија Стеванова, поранешна вработена во „Веибо Груп“.
Рече, продолжуваат со штрајкот, со надеж дека некој ќе ги слушне и ќе изнајде решение за проблемот.
Вирџини Јовановски, поранешен работник во „Веибо Груп“ ги демантираше наводите на дел од раководството, дека на протестите присуствувале и лица кои не биле вработени во фирмата.
– На сите собири и активности во насока на искажување револт за нанесената неправда, имаше исклучиво лица кои можеби не се во групата од последните отпуштени во фирмата, ама се лица кои работеа во оваа компанија, па беа отпуштени во декември или јануари и имаат парични побарувања од „Веибо“. Ние немаме со кого да разговараме, немаме кому да ги пренесеме барањата и ставовите, а ова е голем срам да се малтретираме на овој начин, изјави Јовановски.
Ги повика и менаџерката, Јакимова и управителот, Мустафа Иршат Канџа, граѓанин на Турција, да дадат изјава, зашто, како што рече, ветил дека ќе се сретне со нив, но не го исполнил тоа.
– Во ваква ситуација каде ни се одземени сите наши права, ние нема да мируваме. Канџа нека се обрати во медиум или до нас, а не да не оставаат на улица, на милост и немилост. Ниту раководството, ниту пак надлежните институции не се одзваа, па затоа, ќе го продолжиме штрајкот. Ќе одиме и кон по радикални чекори, како блокади на магистрални патишта, заземање на фабриката или слично. додаде Јовановски.