Триесетина пратеници потпишани на иницијативата на СДСМ за повторно собирање на Парламентот

Триесетина пратеници од СДСМ, НСДП, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, Алтернатива и ДПА се потпишани на иницијативата на пратеничката група на СДСМ за свикување седница на Собранието на која би се потврдиле двете одлуки на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба во државата од по 30 дена поради пандемијата со Ковид-19. Иницијативата ќе биде поддржана и од Беса. Оваа иницијатива на СДСМ нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ниту од ДУИ, која, сепак, остава простор најнапред да ја види иницијативата па конечно да се изјасни.

Претседателот на Парламентот Талат Џафери исто така чека да ја види иницијатива откако таа и формално ќе биде доставена до Собранието и до него, па да даде свое мислење. Претходно во неколку наврати тој истакна дека самораспуштениот Парламент не може повторно да се состане.

Од пратеничката група на СДСМ за МИА велат дека иницијативата до Собранието и до претседателот на Парламентот ќе биде доставена утре. Сметаат дека е потребно одржување на ваква седница и доколку е потребно свикување на Собранието и за други прашања, повикувајќи се на неговата надзорна улога, особено во вакви вонредни и кризни состојби.

Врз основа на тоа, седницата би имала две точки на дневен ред – првата е за свикување на седница за потврдување на одлуките на претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба, а втората за ставање на Собранието во функција по потреба.

Се разгледуваат и се размислуваат повеќе начини за одржување на една ваква седница, и како тоа би можело да се организира електронски или, пак, во голема сала со Купола се со цел да се запазат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот.

Седница, како што посочуваат, може да се свика со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот во којшто во став два се предвидува дека „Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“. Според член 63 став 4 од Уставот, пак, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.

– Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во фукниција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба. Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услов. Најдоцна до утре барањето за свикување седница ќе биде доставено до претседателот на Парламентот, изјави, претпладнето, Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ за МИА.

Собранието на Република Северна Македонија се самораспушти на 16 февруари со 108 гласови „за“ заради одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април. Изборите беа одложени поради пандемијата со Ковид-19.