Сите рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот дадоа добри резултати. Мерките мора да останат во сила се додека не сме сцелосно сигурни дека состојбата е под контрола и дека сме го поминале пикот на болеста. Сепак, најновите анализи и проекции покажуваат дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, но на сметка на подигнување на мерките на лична заштита и согласно овие анализи Министерството за здравство и Комиисјата доставија до Владата предлог – измени во мерките за ограничување на движењето и воведување нови мерки за лична заштита на населението, истакна на онлајн прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Оваа комбинација на мерки, посочи, ќе дозволи луѓето порастеретено да се движат, истовремено зголемувајќи ја потребата за лична заштитна опрема на секој граѓанин додека се движи.
– Согласно тоа, предлогот е да се направат следните измени: полицискиот час секој работен ден да започнува во 19 часот наместо во 16 часот како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат обврските и да набават намирници, за повозрасните граѓани наместо од 10 до 12 часот да продолжи времето на движење од 8 часот до 12 часот, продолжување на периодот во кој се движат младите до 18 години и тоа ќе биде од 13 до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот. Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите, рече Филипче.
Паралелно со ова релаксирање на мерките, потенцира, се воведуваат нови задолжителни мерки на лична заштита и граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метри.
– Попрецизно заштитна опрема треба да се носи при движење во сите јавни места од затворен тип како маркети продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи каде има повеќе лица. Во однос на отворените површини заштитната опрема мора задолжително да се носи на места каде нема простор за дистанца од два метри. Задолжително носење на заштитна опрема важи на пример за пазарите како најдобар пример за место од отворен тип. Исклучок за носење заштитна опрема на отворено се прави само ако лицето носи заштитна опрема на работа која е пропишана со работното место како погони, фабрики…, ако престојува во двор на семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено и ја држи потребната дистанца од два метри и не го прави тоа во групи согласно постојните рестрикции, при возење во патничко моторно возила со лица со кои лицето живее во заедница или домакинство или при движење на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од другото лице кое е во непосредна близина, истакна Филипче.
Нагласи дека компаниите во сите свои објекти, управни згради, подружници, експозитури ќе бидат задолжени да обезбедат носење заштитна опрема за лице за сите свои вработени и да забранат влез на лица односно посетители доколку истите немаат заштитна опрема за лице.
Додаде дека под заштитна опрема за лице се подразбира каква било форма која ќе го покрива пределот на носот и устата како маска за еднократна или повеќе кратна употреба или марама или шал или слично што може да ја прекрие устата и носот во насока на спречување на ширењето на коронавирусот.
Тој претходно информираше дека седум нови случаи со коронавирус се регистрирани во изминатите 24 часа во државава и тоа три во Тетово и по два во Куманово и во Кочани, а во Градската општа болница „8 Септември“ почина 70-годишен пациент од Лабуништа, кој во тешка состојба, бил хоспитализиран на 8 април и веднаш приклучен на респираторна машина. Посочи дека 24 пациенти се излекувани кои се лекуваа во домашни услови и тоа во Скопје – 4, Дебар – 4, Струмица – 1, Куманово – 1, Штип – 3, Прилеп – 3, Кочани – 5 и Тетово – 3.
– Вупната бројка дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во државава изнесува 1.231, од кои 952 се активни случаи. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани вкупно 60 пациенти. Од нив 18 се на кислородна поддршка, а четворица се на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 45 пациенти. Со потешка клиничка слика се седум пациенти, а пет пациенти се на респираторна машина. Стабилна е состојбата на пациентите кои се лекуваат во другите болнички установи, додаде Филипче.