Демократскиот сојуз предлага Претседателот на државата, Владата и најмалку 20 пратеници, да побараат да се свика итна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на која ќе се расправа за вонредната состојба причините и ефектите од воведување на истата, потребата од продолжување, како и за мерките кои се преземаат за спречување на коронавирусот Ковид-19, поставеноста и дејствувањето на здравствениот систем, функционирањето на безбедносниот систем и економските аспекти на кризата.
Парламентот треба да отвори и сериозна расправа за издржаноста и оправданоста на мерките, подготовките за олабавување на истите, дали постои план за постепено активирање на бизнисот, враќање на животот во нормала, заштитата на човековите права и сл.
Демократскиот сојуз укажува дека согласно Уставот на Република Северна Македонија, Законот за Собранието и Деловникот (член 5) за работа на Собранието, Собранието е во постојано ЗАСЕДАНИЕ и МАНДАТОТ на пратениците трае се до верификација на мандатот на новоизбраните пратеници.
Според ДС не постојат уставни и законски пречки да се свика Парламентот, но политички постојат, поради тоа што голем дел од актуелните пратеници не се на кандидатските листи за пратеници. Можеби е тоа мотивот за блокада на Парламентот.
Инаку нема никаква основа Талат Џафери и натаму да се спротивставува да свика седница на Парламентот и на тој начин да оневозможува Парламентот да биде вклучен во надминување на кризата од пандемијата.