Мишел: Самитот ЕУ – Западен Балкан ќе се одржи преку видео-конференција

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, на денешната прес-конференција во Брисел информираше дека Самитот ЕУ-Западен Балкан кој требаше да се одржи во мај не се откажува, јави дописничката на МИА од Брисел.

.-Планираме во наредните недели да го одржиме самитот во форма на видео-конференција, по консултации со хрватското претседателство, за да и дадеме поттик на соработката со регионот, изјави Мишел.

Мишел истакна нема никаков проблем што се одложија парламентарните избори во Северна Македонија поради пандемијата, но испрати порака до владите во регионот дека здравствената криза не смее да ги забави или запре реформските напори потребни за членство во ЕУ.

Претседателот на Европскиот Совет објасни дека одложувањето на закажани изборни циклуси во С. Македонија или било каде на друго место е оправдана одлука со оглед на санитарните ризици.

Запрашан за строгите мерки за полициски час и карантин во повеќе земји од регионот, кој се предмет на критика од страна на граѓанското општество, претседателот на Европскиот совет не даде директен одговор, но потсети дека правилата на ЕУ за владеење на правото продолжуваат да важат и додека трае кризата, посебно за С. Македонија и Албанија кои треба наскоро да ги започнат преговорите за членство во ЕУ.

-Силната, јасна и недвосмислена политичка порака што ја испраќаме е нашата преокупација со владеењето на правото и почитувањето на принципот на слободите, тоа е важен дел од нашето дејство во овој регион, изјави Мишел додавајќи дека ЕУ се ангажира и да му помогне економски на регионот да ја надмине оваа криза.

Претседателот на Европскиот совет рече дека неодамна разговарал и со македонскиот претседател, Стево Пендаровски, околу одлуката за одложување на изборите и смета дека со оглед на поддршката од сите политички партии за ова одложување, тоа не претставува никаков демократски проблем.