Вирусот потврден кај 828 лица, Филипче задоволен од стратегијата

Шеесет и осум нови и вкупно 828 потврдени случаи со коронавирус во земјава. Стапката на заболени е 40,3 проценти на 100 000 жители и во однос на стапката на заразени во Европа е сè уште ниска, сметаат нашите епидемиолози. Тие  очекуваат врвот на болеста да биде на крајот на април, потоа бројот на новозаболени да се намалува ако се применуваат актуелните рестриктивни мерки.  Поради претстојниот Велигден, се размислува движењето во празничниот викенд да биде ограничено дополнително со уште еден ден, најверојатно понеделникот, односно забраната да важи од петок попладне до вторник наутро.

Тоа  вчера го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на информативната видеосесија за прашања во врска со коронавирусот. Предлогот ќе се разгледува денеска на седница на Владата. Рестриктивните мерки, рече министерот, можеби ќе почнат да се укинуваат на почетокот или средината на мај и дека веќе од наредната недела ќе се координираат со стопанскатите комори да се најдат автентични модели како ќе функционираат различни дејности по укинување на мерките.

Министерот е задоволен како досега нашиот здравствен систем одговара во справувањето со КОВИД-19 и дека во тоа најголем удел имаат  сите рестриктивни  мерки и препораките од Вадата и Комисијата за заразни болести за спечување на ширење на заразата.

Од сето тоа, рече Филипче, ние немаме црно сценарио како во трите најпогодени земји во Европа. Добрите резултати се должат на тоа што порастот на бројот на заразени е линеарен, а  не експоненцијален како што се случуваше во Италија, односно нагло натрупување во болниците на почетокот од епидемијата.

-Бројот на пациенти нашиот здравствен систем одлично го амортизира и сметам дека оваа стратегија е одлична. Разгледуваме и други стратегии за црни сценарија, но во моментов не ни се случува најголемиот страв, а тоа е да имаме огромен број пациенти кои нема да можеме да ги примаме во нашите болнички капацитети предвидени за ова, рече министерот за здравство.

Во Клиниката за инфективни болести е пополнета една  третина од капацитетот, 90 проценти од ГОБ „8 Септември“, а одличен е, рече Филипче, и моделот за третман на пациентите кои се лекуваат во домашни услови. – Нашите болнички капацитети предвидени за згрижување пациенти заболени од КОВИД-19 се практично празни. Ова е одличен модел на третман на пациентите во домашни услови, кои го воведовме учејќи од искуствата на другите земји, додаде министерот.

Според статистиката за нашата земја, од досегашните 828 заразени, смртни случаи асоцирани со коронавирус има  34, односно 4,1 проценти стапка на смртност. Повеќе од 65 отсто од починатите  се над 60-годишна возраст.

Најмногу од заболените во земјава се лица од 50 до 59 години, а инфицирани има од 0 до 91 година. На прииближно 24 проценти од сите заболени им требало болничко лекување, а  повеќе од половина од сите хоспитализирани имале и други заболувања, најчесто срцеви, респираторни и дијабетес.

На 100 000 жители, најмногу заболени има во Дебар – 176, а следен град со повеќе од 100 заболени на 100 000 жители е Куманово – 140. Во другите градови има под сто заболени.

Досега се направени над 8000 тестови или околу 4000 на еден милион жители и тоа, според емидемиологот д-р Владимир Микиќ, нè става на врвот во регионот по број на направени тестови. Во овој момент, рече тој, не е потребно масовно тестирање, а и Светската здравствена организација препорачува да се тестираат само симптоматските случаи.

За споредбите помеѓу сеознски грип и КОВИД-19, тој истакна дека се работи за две компелтно различни заболувања – и во однос на колективниот имунитет, и  во однос на медицинските и фармацевтски средства што ги имаме, а  пред сè, се разликуваат во тежината на клиничката слика. Од компликации од сезонски грип годинава кај нас почнале тројца од околу 37 илјади или официјално пријавени 33 илјади случаи.

-Тоа значи дека стапката на смртност од грип оваа сезона е 0,01 процент, а од корона над 4 отсто. Од 50 до 60 пати е поголема смртноста што сега ја гледаме од КОВИД-19 во однос на сезонскиот грип, додаде д-р Микиќ вчера на информативната видеосесија што ја организираше Владата.

Д-р Жарко Караџоски од Комисијата за заразни болести рече треба да поминат шест до осум недели за да се добие максималниот број на заболени односно врвот и дека тој се очекува на крајот на месецов.  – Очекуваме до крајот на месецов да се зголемува  бројот на заболени. Проценките беа дека ќе се регистрираат од 1500 до 2000 случаи, додаде Караџоски.

За вакцина за КОВИД-19  велат дека не се очекува  да биде произведена до крајот на 2020 година, туку, и со максимално забрзување, неа најбргу би ја имало за година до година и пол. Тоа се должи на долготрајниот процес за секоја вакцина на која и претходат и неколку фази на претклинички испитувања.

Во светот досега се заболени 1,7 милиони од коронавирус, повеќе од половина милион се во САД, 160 илјади во Шпанија, 150 илјади во Италија и 90 илјади во Франција.  Има  вкупно 108 илјади смртни случаи и стапка на смртност од 6,2 проценти.