Граѓаните од 16 часот во продолжен викенд карантин

Забраната за движење на населението денеска почнува од 16 часот и ќе трае до понеделник до 5 часот. Со ова почнува 61 часовен карантин за сите граѓани на територија на целата држава.

Согласно одлуката на Владата, а со цел спречување на ширење на коронавирусот, полицискиот час во текот на работните денови почнува од 16 до 5 часот, додека за време на викендите на граѓаните им е целосно забрането движењето.

Од забраната изземени се полицијата, армијата, здравствените работници, а исто така не важи и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи. Аптеките ќе работат непречено.

-Исклучоците важат за вработените лица во МВР, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институиции опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани, соопшти Владата.

Маркетите и викендов треба да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на државата и непречено да го организираат работниот процес. Штабовите треба да го организираат движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.

Забраната, како што истакна вчера министерот за здравство, Венко Филипче, ќе важи и за време на претстојните верски празници.

-Знам дека е тешко и доаѓаат и верски празници, но ова е период во кој мора сите со почитување на мерките да инвестираме во сопственото, но и во колективното јавно здравје. И за време на верските празници кои се пред нас, ќе важи целосна рестрикција во движењето, изјави Филипче на вчерашната прес-конференција.

Смета дека за време на празниците, доколку е дозволено движењето, многу тешко ќе може да се контролира и токму затоа ставот е и тогаш да важат истите мерки како и за викенд.

Државата е во фаза кога воведените мерки се најстроги. Сепак, животот повторно ќе се врати во нормала кога за тоа ќе се создадат услови. Како што појасни министерот Филипче, се прават планови за оваа насока.

– Се подготвуваме за периодот за целосно враќање во нормала тогаш кога ќе бидат исполнети условите за тоа. Но, нема да може така лесно целокупниот работен процес и животот да се врати во нормала со истиот интензитет имајќи го предвид искуството на некои други земји, како и предвидувањата дека секогаш постои ризик за втор пик на дијагностицирани пациенти, додаде Филипче.

Економските оператори, маркетите и рестораните ќе добијат насока како да го организираат работниот процес кога ќе се отстранат рестриктивните мерки и кога целокупниот процес ќе почне да се враќа во нормала.

-Следната недела ќе почне интензивна комуникација со претставници на стопанските комори, и ќе им се даде јасна насока на економските оператори, производствените капацитети и рестораните како треба нивниот работен процес да го организираат за тогаш кога ќе се одлучи дека е дојден моментот да се отстранат сите овие рестриктивни ригорозни мерки и целокупниот тој процес постепено да се врати во нормала, појасни Филипче.

Сето ова, вели, ќе се работи во периодот додека траат рестриктивните мерки.

– Ова се сериозни мерки за рестрикција, меѓутоа крајната цел е да се заштити здравјето на граѓаните и  верувам дека сите се свесни за сериозноста на ситуацијата и дека секој гледано низ призма на својот професионален и личен капацитет треба да се заложи максимално до сите до кои што допира – граѓани или групи на граѓани, дека овие мерки мора да се почитуваат и сите да се придржуваат до нив, порача  Филипче.

Министерството за внатрешни работи, пак, како што најави дополнителната министерка Славјанка Петровска е целосно подготвено да одговори на задачите за време на продолжениот викенд полициски час.