Според последните податоци, во Струга и околината потврдени се 25 случаи на зболени од коронавирус, како и четири смртни случаи – три во Лабуништа и еден во село Татеши, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи при посетата на Струга во својство на координатор на штабовите на локалната самоуправа и Градот Скопје.
-Ја следиме одблиску оваа ситуација за да ги согледаме локалните околности во комуникација со општинскиот штаб. Дадовме насока на општините да создаваат и месни штабови во месните заедници, особено во руралните средини. Во секое село да има штаб во кој ќе има и здравствен работник и претседател на месната заедница и локалниот полицаец за да може на најлокално ниво да ги следиме состојбите и да може да одлучуваме, рече Османи, кој при посетата на Струга беше придружуван од заменик министерот за здравство, директорот на Институтот за јавно здравје и претседателот на Комисијата за заразни болести, а попладнево треба да заминат и во посета на Лабуништа.
Тој информира за новите рестриктивни мерки донесени денеска од Владата и Кризниот штаб за ограничување на движењето, односно за полициски час од 16 часот па до 5 часот наредниот ден, а за викендите целосна 24 часовна забрана за движење.
– Целта е да се потенцира потребата од социјална дистанца, бидејќи очигледно и искуствата и науката укажуваат дека тоа е единствгениот начин да направиме нешто сега како општество. Граѓаните се дисциплинирани и сакам да ја искористам можноста да им се зблагодарам на здравствените работници, но и на сите полицајци и сите кои се сега во служба на нормалното живеење во услови на рестрикции, рече Османи.
Претседателот на Комисијата за заразни болести др. Жарко Караџоски на новинарско прашање посочи дека одлуката за новите рестриктивни мерки е донесена на предлог на Комисијата за заразни болести и се однесува на целата територија на државата, вклучувајќи го и селото Лабуништа за кое, рече не се планираат посебни мерки, како во случајот со Дебар.
- Моментно не е планирано такво нешто. Во Дебар беше специфична состојбата со цел брзо да реагираме и за да го намалиме бројот на заразени. И како што гледате во Дебар четири дена нема ништо ново, односно мерката се покажа успешна, рече Караџоски.
Комисијата за заразни болести секое утро во 8 часот ја разгледува состојбата во државата. Во однос на регионот на Струга, Караџоски најави дека од утре ќе ја зајакнат епидемиолошката служба со уште еден епидемиолог во период од 14 дена.
-Ја зајакнуваме и епидемиолошката служба по бројност и во Тетово со уште еден епидемиолог, а секојдневно ја следиме актуелната состојба, и ако има потреба ќе реагираме и со испраќање на друг потребен персонал доколку локалната самоуправа и потребите на болницата укажат на тоа како – пулмолози, интеренисти. Дополнително имаме уште еден колега инфектолог кој ќе направи увид во болницата во Охрид, ќе ја разгледа состојбата дали некои мерки треба да се направат по некои назнаки за проблематични приеми на одредени пациенти и ќе ги реферира на Комисијата за заразни болести и ќе видиме потоа што на ниво на Министерство за здравство ќе се преземе, рече Караџоски.
Со оглед на смртните случаи и тоа што се зголемува бројот на случаи на Ковид – 19, тој најави дека најверојатно ќе се отвори пункт за тестирање во Струга за што има можност, при што Болницата во Струга ќе треба да одвои еден микробиолог и еден лаборант и заедно со подрачната единица на ЦЈЗ да се земат брисеви, коишто ќе се трансферираат до Охрид, а потоа до Скопје.
-Состојбата се следи дневно на територија на целата држава. Доколу се укаже потреба ќе реагираме и на друг начин. Засега од среда важат правилата кои ги соопштија премиерот, министерот за здравство и вицепремиерот, рече Караџоски.